Претставник од двете главни курдски опозициони партии, одговорен за надворешни прашања, вели дека трупите на милицијата ќе се вклучат во воените операции, доколку бидат нападнати од ирачката армија.
Во интервју за весникот Ал-Ахрам, во сопственост на египетската Влада, Хушар Зибари, од Курдската демократска партија, го вели спротивното, дека ирачките Курди немаат улога во актуелната војна.
Мохамед Сабир, американски претставник од другата главна курдска партија, Патриотската заедница на Курдистан, вели дека курдските трупи чекаат на покана од Вашингтон.
„Ние сме партнер на САД. Ние соработуваме со САД и досега САД не побарале од нас да учествуваме во борбите против ирачките воени трупи. Но доколку САД побара помош од нашата партија, секако дека ќе земеме учество“, вели господинот Сабир.
Курдскиот редовен состав брои околу 70.000 борци, а господинот Сабир вели дека има уште околу 20.000 резервисти.
Тој истакна дека курдската армија е добро обучена и искусна во борбите со ирачката армија, но дека курдските трупи се лесно вооружени.
Трите милиони Курди во северен Ирак се борат против Владата во Багдад веќе неколку децении. По курдското востание кон крајот на Заливската војна во 1991-та година, сојузничките сили воспоставија зона на забранети летови во северен Ирак, со што Курдите се здобија со автономија во заштитениот регион.
Господинот Сабир ја отфрла загриженоста од некои во Турција, Сирија и Иран дека Курдите може да ја искористат војната како можност да формираат независна курдска држава. Тој кажа дека двете курдски опозициони партии го почитуваат територијалниот интегритет на соседните земји. Претставниците на партиите сепак изразија загриженост дека борбите може да се интензивираат доколку турските трупи навлезат во северен Ирак кој е под контрола на Курдите.