Линкови за пристапност

Франција го осуди американскиот ултиматум до Ирак - 2003-03-18


Во кусата изјава, францускиот претседател Жак Ширак го критикуваше американскиот ултиматум дека претставува закана за вистинската идеја за меѓународните односи.

Господинот Ширак кажа дека Ирак не претставува итна закана што оправдува започнување на војна. Францускиот претседател рече дека да се дејствува надвор од Советот за безбедност, и да се донесе одлука за употреба на сила без оглед на меѓународното право, претставува тешка одговорност за земјите што ќе учествуваат во нападот врз Ирак. По изјавата на господинот Ширак, денеска своите критики ги повторија и лидерите на Грција и Германија.

Франција е меѓу најгласните критичари на ставот на претседателот Буш за Ирак и на притисокот на Вашингтон за преземање воена акција доколку Багдад брзо не се разоружа.

Претседателот Буш во неговиот говор индиректно ја критикуваше Франција и сите други кои се сомневаат во војната, велејќи дека тие имаат исти проценки како Вашингтон за опасноста што ја претставува Ирак, но не и американската одлучност да се справат со тоа.

Анти-воениот став на господинот Ширак доби широка поддршка во неговата земја. Аналитичарите го споредуваат со поранешниот француски претседател и херој на Втората Светска војна, Шарл Де Гол. Господинот Де Гол исто така им се спротивставувал на САД, пред се, со повлекување од воените операции на НАТО.

Според најновите истражувања на јавното мислење, господинот Ширак добива поддршка без преседан. Последната анкета, објавена во францускиот левичарски весник „Либерасион“, покажува дека популарноста на францускиот претседател изнесува 74 проценти, што е еднакво на највисокиот рејтинг на генералот Де Гол.

XS
SM
MD
LG