Линкови за пристапност

Буш:  Садам и синовите да го напуштат Ирак во рок од 48 часа - 2003-03-18


Претседателот Буш во синоќешното телевизиско обраќање му даде на ирачкиот лидер Садам Хусеин 48 часа да ја напушти земјата или да се соочи со воена акција.

Американскиот претседател кажа дека единствениот начин на кој ирачкиот лидер би избегнал конфликт е да ја предаде власта најдоцна до среда.

„Садам Хусеин и неговите синови мора да го напуштат Ирак во рок од 48 часа. Одбивањето да го сторат тоа ќе резултира во воен конфликт што ќе започне тогаш кога ние ќе одлучиме. Сите странски државјани, меѓу кои и новинарите и инспекторите, поради својата безбедност би требало веднаш да заминат од Ирак“, рече господинот Буш.

Тој вчера заклучи дека дипломатските обиди не успеале, така што го повлече барањето Советот за безбедностна ОН, во време кога Франција се зкануваше со вето, да гласа за нова резолуција за Ирак.

По десетици резолуции и стотици извршени инспекции, Ирак не возврати на добрата волја на светот, наместо тоа употребувајќи ја дипломатијата како параван за да се добие во време и да се оствари предност, кажа американскиот претседател. Вчера дадениот ултиматум предочува дека повеќе нема време за инспекции. Господинот Буш смета дека Советот за безбедност не се издигнал на ниво на своите обврски, така што САД и сојузниците ќе ги спроведат, како што ги нарече, „праведните барања на светот“.

САД, рече американскиот претседател, имаат „суверено овластување“ да употребат сила за да ја заштитат националната безбедност - во конкретниов случај, да го спречат Ирак да им помогне на терористите да употребат оружје за масовно уништување.

Претседателот Буш директно се обрати до ирачкиот народ со ветување дека САД ќе помогнат во изградбата по конфликтот, што сега, како што стојат работите, би можел да започне за неколку дена. САД, кажа претседателот Буш, ќе достават храна и лекови, и ќе им помогнат на Ирачаните земјата повторно да биде, како што подвлече, просперитетна и слободна.

„Тиранинот наскоро ќе го нема. Се ближи денот на вашето ослободување. За Садам Хусеин е предоцна да остане на власт. Но, не е предоцна за ирачката армија да постапи чесно и да ја заштити вашата земја со тоа што ќе дозволи мирен влез на силите на коалицијата, за да го елиминираат оружјето за масовно уништување“, кажа претседателот Буш.

Тој ги повика ирачките војници да се предадат на американските сили, порачувајќи им да не се борат за режим кој е на умирање и поради кој не е вредно да ги жртвуваат животите; „Во конфликтот, каков и да е, вашата судбина ќе зависи од тоа како ќе постапите. Не ги уништувајте нафтените извори, изворот на благосостојба што му припаѓа на ирачкиот народ. Не исполнувајте никаква наредба за употреба на оружје за масовно уништување, против никого, вклучувајќи го и ирачкиот народ. Ќе се спроведе прогон за воени злосторства. Воените криминалци ќе бидат казнети. Нема да се уважи правдањето во стилот – јас само ги извршував наредбите“.

Во време кога многумина Американци се загрижени дека воената акција во Ирак ќе го зголеми ризикот од терористички напади во САД, претседателот Буш изрази убеденост дека терористичката закана за САД и светот воопшто ќе се сведе на минимум токму во моментот кога Садам Хусеин ќе биде разоружан.

XS
SM
MD
LG