Линкови за пристапност

Конгресот бара поддршка за американските сили во Заливот, демократите незадоволни од дипломатијата - 2003-03-18


Членовите на Конгресот од обете партии изразија поддршка за американските сили по обраќањето на претседателот Буш посветено на Ирак. Сепак, дел од демократите се разочарани поради тоа што американската влада не доби поддршка од ОН за резолуцијата со која би се одобрила употреба на воена сила.

Демократите и натаму го критикуваат претседателот Буш за, како што наведуваат, неуспехот на американската дипломатија. Но дури и клучните критичари, како сенаторот Карл Левин, велат дека сега Американците мора да се обединат во поддршката за американските сили на теренот.

Сенаторот Џон Ворнер, кој претседава со сенатската Комисија за вооружени служби, смета дека САД имаат меѓународна поддршка, и покрај противењето на Франција и останати земји. Сенаторите Ворнер и Левин синоќа најавија дека Сенатот ќе усвои резолуција што ќе изрази поддршка за американските сили во Персискиот Залив.

Републиканците, како на пример сенаторот Џеф Сешнс, веднаш реагираа на критиката на демократите дека војната во Ирак ќе чини скапо. „Војниците се подговени за нас да ги ризикуваат своите животи. Во ниту еден случај, на ниту еден начин, не смееме да не дадеме должна поччит и поддршка на таквата заложба“, кажа сенаторот Сешнс. Тој исто така изрази надеж дека САД не ќе мора да останат во Ирак на подолг период.

Во Претставничкиот дом, републиканецот Џим Колби побара Американците, без оглед на политичките гледишта и партиската припадност, да ги поддржат американските сили. Неговото мислење го дели и членот на Комисијата за вооружени служби на Претставничкиот дом, конгресменот Курт Велдон, кој предвидува дека до војна ќе дојде уште до крајот на неделава.

Извори во американската влада и во конгресот најавуваат дека претседателот Буш кусо време откако би започнала акцијата во Ирак, ќе поднесе барање за буџет за воените трошоци. Се проценува дека почетните трошоци би изнесувале од 65 до 95 милијарди долари.

XS
SM
MD
LG