Линкови за пристапност

Риџ:Заканите врз САД доаѓаат од повеќе насоки - 2003-03-18


Нивото на тревога во САД сега е означено со портокалова боја, што значи висок ризик од терористички напад. Оваа наредба, шефот за домашна безбедност Том Риџ ја донесе поради зголемена заканата од тероризам, додека САД се се поблиску до војна со Ирак.

Освен на границите, аеродромите и пристаништата, зајакната е безбендоста и на хемиските и нуклеарните објекти, а од гувернерите на федералните држави е побарано да распоредат Трупи за национална безбедност, како помош на локалната полиција. Според г-динот Риџ заканите можат да бидат во различни форми.

„Ал Каида и симпатизерите на нејзината кауза и натаму претставуваат закана. Ирачките државни агенти, ирачките одметнати групи, и другите регионални екстремистички организации и ад хок групи или поединци би можеле да го искористат овој период да изведат терористички нпад врз САД и нашите интереси, и дома и во странство“, рече тој.

Експертите за анти-тероризам сметаат дека инвазијата врз Ирак предводена од САД би можела да ги поттикне прикриените терористи да нападнат американски цели. Ричард Кларк, поранешен претставник во Советот за национална безбедност и во актуелната администрација и во времето на претседателот Бил Клинтон, вели дека не е возможно агенциите за спроведување на законот да ги следат сите осомничени за поврзаност со терористичките групи.

„По дефиниција, ние немаме увид врз прикриените терористички келии. Еф Би Ај следи некои лица кои сега се во САД, ги набљудува. Но можно е да постојат групи за кои не знаеме“, истакнува тој.

Еф Би АЈ планира да мобилизира околу 5.000 агенти за заштита од терористички напади, во случај на војна со Ирак и будно да внимава на илјадниците Ирачани кои живеат во САД.

Некои експерти се уверени дека САД се близу до растурање на раководството на Ал Каида, во голем дел благодарение на неодамнешното апсење на оперативецот Калид Шеик Мохамед во Пакистан.

Но, г-динот Кларк вели дека Ал Каида е прилагодена на појавата на создавање нови лидери. Тој се сомнева во тврдењето дека неодамнешните апсења и нанеле фатални последици на организацијата.

„Десетици илјади лица ја минале обуката во камповите на Ал Каида во Авганистан во изминатава деценија. Тие се распространети низ светот и ќе има и нови регрутирања. Значи, Ал каида се уште не го кажала последниот збор“, смета г-динот Кларк.

Уште еден експерт за тероризам, Нил Ливингстон е уверен дека Ал Каида и натаму претставува опасност, бидејќи по неодманешните апсења таа ќе сака да му се покаже на светот.

„Мислам дека Ал Каида бо моментов ќе има очајна потреба да демонстрира дека и покрај нанесените големи штети, таа не престанала да делува. Нејзините припадници ќе се обидуваат некаде да извршат напади за да кажат: еве, ние се уште сме активни, тука сме и се уште треба да не сфаќате сериозно“, вели тој.

Во вчерашното обраќање, претседателот Буш се осврна и на заканата од тероризам, предупредувајќи дека САД нема да бидат заплашени од како што ги нарече „хулигани и убијци“.

XS
SM
MD
LG