Американската влада ги предупреди своите граѓани на опасноста од терористички напади против американски цели доколку дојде до војна во Ирак, и го покачи нивото на безбедносна предострожност на еден степен до највисокиот.
Директорот за домашна безбедност Том Риџ објави дека е подигнато нивото на безбедносна предострожност само неколку минути по говорот на претседателот Буш во кој тој му постави ултиматум на ирачкиот претседател да ја напушти земјата, или да се соочи со воена акција.
Сега нивото на предострожност од терористички напади – систем востановен по нападите од 11-ти септември, и кодиран во различни бои - е подигнато на „портокалово“. Тоа ниво е веднаш до највисокото – „црвено“, и значи дека постои голема опасност од терористички напад.
Според господинот Риџ, американското разузнавање смета дека терористите ќе се обидат да извршат повеќекратни напади врз американски цели и цели на коалиционите сили, во случај на воена акција против Садам Хусеин.
Претседателот Буш вчера кажа дека САД изминативе неколку дена, како мерка на предострожност, протерале поединци наводно поврзани со ирачкото разузнавање. САД веќе побараа и од другите земји да преземат слични мерки.