Г-динот Пауел вели дека ултиматимот, покрај на Садам Хусеин, ќе се однесува и на останатите од неговиот круг властодршци во Багдад, вклучувајќи ги членовите на семејството на ирачкиот претседател кои се наоѓаат на клучни воени позиции. Секретарот Пауел не постави временски рок за исполнување на ултиматумот, но затоа беше директен дека рокот ќе биде кус и дека повеќе нема време за одлагање на ирачкото разоружување. “Во своето обраќање, претседателот Буш на Садам Хусеин ќе му постави ултиматум дека единствениот начин да се избегнат сериозните последици, наведени во Резолуцијата 1441, е тој и неговите блиски соработници да ја напуштат земјата и да дозволат случајот да биде решен преку влегување на единиците на мирен начин, а не преку конфликт“, изјави американскиот државен секретар. Секретарот Пауел смета дека Резолуцијата 1441 донесена во Советот за безбедност во ноември минатата година давадоволно законско овластување за употреба на воена сила против Ирак и дека САД доставија нова предлог-резолуција само за да обезбедат политичка помош за американските сојузници. Тој истакна дека одлуката за повлекување на новата резолуција, во услови кога Франција се закани да стави вето на неа, уследила по последната рунда консултации со Британија и Шпанија и останатите земји. Г-динот Пауел подвлече дека неуспехот да се спроведе резулуцијата 1441, очигледно претставува испит што Советот за безбедност не го помина. Првиот човек на американската дипломатија сепак додаде дека ОН ќе опстојат како институција и дека САД и натаму ќе играат важна улога во неа.