Пред една недела, претседателот Буш рече дека ќе побара да се гласа по новата резолуција, потенцирајќи пред новинарите дека е време земјите-членки на Советот за безбедност да ги отворат картите. Но, на повидок нема никаков знак дека резолуцијата ќе го добие потребниот минимум од девет гласа во Советот за безбедност за да биде усвоена, и американската администрација вчера најави повлекување на барањето да се гласа по неа.
Државниот секретар Колин Пауел вели: „И натаму има можност да се појде на гласање и да се види како ќе гласаат зејите-членки, но има и можност да не се гласа. Сите можни варијанти се на маса“.
Ваквиот коментар уследи откако ирачката Влада го одби најновиот британски предлог за решавање на ситуацијата, со кој Багдад за мошне кусо време требаше да исполни конкретни шест услови со што би ја покажал својата определба да се разоружа. Британија дури беше подготвена да повлече едно од шесте барања - претседателот Садам Хусеин да излезе на ирачката телевизија и јавно да се декларира против оружјето за масовно уништување.
Еве што вели британскиот секретар за надворешни работи, Џек Строу:
„Доколку единственото прашање меѓу нас и нашите партнери во Советот за безбедност од една, и Садам Хусеин од друга страна, е дали тој треба да се појави на ирачката телевизија, тогаш ние со задоволство ќе се откажеме од ова барање“.
Ирачкиот министер за надворешни работи, Наџи Сабри, пак, упати ваква порака до Белата куќа:
„Доколку американската администрација се придржува до меѓународното право и внимателно го слуша светското јавно мислење и мислењето на сопствениот народ, тогаш не би требало да започнува никаква агресија против Ирак“.
Во Белата куќа, портпаролот Ари Флејшер не даде конкретен податок за тоа уште колку долго САД се подготвени да му дадат шанса на дипломатскиот процес, пред воената акција да стане единственото решение за разоружување на Ирак. Господинот Флејшер само кажа дека, цитираме, крајот е на повисок.
Дебатата околу тоа дали ОН треба да одобрат воена акција против Ирак сега очигледно ќе продолжи и наредната недела, а претседателот Буш и натаму се заканува дека ќе употреби сила, дури и без дозвола на ОН. Белата куќа вели дека откако ќе се исцрпат сите дипломатски опции, претседателот ќе се обрати до нацијата, што воедно би претставувало и последно предупредување до Ирак дека војната може да почне секој миг.