Линкови за пристапност

Волфовиц: САД ќе му ја препуштат власта на ирачкиот нарoд што е можно побрзо - 2003-03-11


Висок претставник на американската одбрана, за новинарите во Пентагон изјави дека ирачките воени единици ќе бидат употребени за обнова на Ирак по евентуалната војна. Претставникот, кој побара да остане анонимен, кажа дека САД планираат голем дел од припадниците на ирачката армија да помогнат во изградба и обнова на патишта и мостови, како и за отстранување на урнатините и нагазните мини. Таквата обнова би траела од три до шест месеци.

Воените експерти проценуваат дека редовниот состав на ирачката армија брои 300.000 војници.

Претставникот од Пентагон истакна дека припадниците на ирачката елитна републиканска гарда и специјалната републиканска гарда, што имаат тесни врски со ирачкиот претседател Садам Хусеин, нема да учествуваат во обновата на земјата.

Тој кажа и дека САД регрутираат Ирачани кои во моментов живеат во САД и европските земји, за да помогнат во работата на министерствата во Багдад што пружаат услуги како што е здравствената заштита на ирачкиот народ.

Според истиот извор, во моментов за Владата во Багдад работат преку два милиона Ирачани, велејќи дека се очекува поголем дел од нив да останат на своите работни места и за време на обновата на Ирак.

Претставникот на американската одбрана кажа и дека САД планираат да ја финансираат исплатата на многумина припадници на ирачката армија како и на ирачките цивили кои ќе работат на реконструкција на нивната земја.

Помошникот-секретар за одбрана, Пол Волфовиц во говорот пред амриканските воени ветерани во Вашингтон, вчера изјави дека доколку дојде до конфликт, САД имаат намера да ја препуштат власта на ирачкиот нарoд што е можно побрзо.

„Нашиот план е, како што кажа претседателот Буш, во Ирак да останеме колку што е потребно и ниту еден ден повеќе. Ирачаните исто така се свесни дека економската и политичка обнова на нивната земја, ќе биде тежок процес. Ќе треба да дадат се од себе, со помош на САД и нашите коалициони партнери. Но, Ирачаните се поведени од сонот за праведно и демократско ирачко општество“, рече г-динот Волфовиц.

Претставници на американската одбрана велат оти актуелниот план е Ирак да се подели на три дела и да се формираат одделни граѓански координативни тела во северниот, централниот и јужниот дел на Ирак. Тие не даваат проценка за тоа колку ќе чини обновата на Ирак, велејќи дека барањето за фондови ќе биде вклучено во дополнителениот буџет што администрацијата на Буш се очекува да го испрати на одобрување до американскиот Конгрес.

XS
SM
MD
LG