Линкови за пристапност

ОПЕК одлучи да го задржи сегашното ниво на производство на нафта - 2003-03-11


Министрите на ОПЕК велат дека нема потреба да се промени сегашната производствената квота од 24 ипол милиони барели нафта на ден. ОПЕК гарантира дека евентуалниот недостаток на нафта во случај на воена акција против Ирак би бил лесно надоместен. Иако ОПЕК не излезе со план за производство во таков случај, претставници на овој картел велат дека се во можност, доколку е потребно, дневно да произведуваат по три милиони барели нафта.

Очигледно е дека ОПЕК во целата оваа ситуација не сака да остави впечаток дека го поддржува американскиот напад врз Ирак – земја членка на нафтениот картел.

Аналитичарите велат дека членките на ОПЕК веќе произведуваат во граници на своите можности. Од друга страна, производството во Венецуела мошне бавно се враќа во нормала по големиот штрајк на нафтените работници во оваа земја. За разлика од аналитичарите, Саудиска Арабија тврди дека е во можност да произведе повеќе нафта, доколку биде потребно.

Можноста од нова војна придонесе нафтените цени да се качат на највисоко ниво од Војната во Заливот. ОПЕК стравува дека цените нагло би опаднале доколку војната заврши експресно.

Доколку војната потрае, вели Херман Франсен претседател на International Energy Associates - компанија од Вашингтон за меѓународни енергетски прашања, цените ќе останат високи.

„На пазарот ќе се почувствува ирачкото отсуство подолго од три месеци, и останатите членки на ОПЕК ќе треба да го зголемат производството. Ситуацијата ќе биде напната подого време“, истакна г-динот Франсен.

Американскиот секретар за енергетика, Спенсер Абрахам, веќе најави дека САД, во случај на краен недостиг, би започнале да ги користат државните резерви, нешто до кое ОПЕК се надева дека сепак нема да дојде.

XS
SM
MD
LG