Линкови за пристапност

Оскарите ќе бидат доделени, независно дали ќе има војна со Ирак - 2003-03-11


Ова е време за забава во Холивуд, кога правењето филмови запира за момент, бидејќи главна грижа на актерите и режисерите е што ќе носат на доделувањето на наградите Оскар. Но, годинава, владее посериозна атмосфера, особено меѓу мал број холивудски личности кои проговорија околу можната војна во Ирак и од кои повеќето се против воена акција без претходна согласнот од ОН. Прашањето за Ирак доминираше и на редовниот годишен ручек во чест на номинираните за наградата Оскар - што ќе се случи доколку има конфликт и дали шоуто ќе продолжи, како и обично?

Досега овој настан беше одложен неколкупати. Првпат поради погребот на лидерот за граѓански права, Мартин Лутер Кинг во 1968-та година и повторно во 1981-та, по неуспешниот обид за атентат на поранешниот претседател Роналд Реган. Телевизиската манифестација на доделување на наградите Еми беше одложена по терористичките напади врз САД на 11-ти септември 2001-та.

Оваа година, вели Гил Кеитс, одговорен за телевизиската продукција на церемонијата на доделување на Оскарите во холивудскиот тетара Кодак, ниту заканата од војна, ниту заканата од тероризам ќе ја одложи свеченоста.

„Манифестацијата Оскар апсолутно ќе се одржи на 23-ти март, како што е планирано. Кодак е мошне безбедна средина, таму ќе го донесам и моето семејство. Шоуто ќе продолжи“, вели тој.

Актерот Даниел Деј Луис вели дека чувствува доза на нелагодност при помислата за прослава во Холивуд, доколку има војна. Тој е номиниран за Оскар за улогата во филмот „Бандите на Њујорк“.

„Би било несоодветно доколку парадираме на црвениот ќилим, се смееме и се поздравуваме, кога некаде во светот гинат луѓе, а ние, како граѓани на оваа земја, во мојот случај Англија и Ирска, ние сме одговорни за она што се случува. Мислам дека ќе биде мошне, мошне тешко да се најде начин да се изведе тоа“, истакнува тој.

Никол Кидман, номинирана во категоријата најдобра женска улога во филмот „Часови“, се двоуми по прашањето дали да се прославува во време на војна.

„Има два аргумента, според едниот, треба да продолжите со секојдневието и да не бидете запрени, а според другиот, се чувствувате мошне непријатно да се појавите на свеченост“, смета Кидман.

Квин Латифа, номинирана за споредна женска улога во мјузиклот Чикаго, верува оти манифестацијата Оскар ќе го подигне духот на оние, чии блиски се на служба во армијата.

Доколку има војна, некои веруваат дека одредени презентери и добитници на наградата ќе ја искористат приликата да го изразат своето мислење по ирачкото прашање. Телевизискиот продуцент Гил Кеитс вели дека презентерите ветуваат дека ќе го следат сценариото, но оти тој нема да ги спречи добитниците на наградата да проговорат за прашањето, доколку сакаат.

„Тоа се нивните 45 секунди. Претпочитам актерите ова време да го искористат зборувајќи за добиената награда. Тоа е она што го работиме, ја прославуваме филмската перфекција. Но, доколку сакаат да кажат нешто друго, тоа е нивно време и ова е слободна земја“, смета г-динот Кеитс.

Претставници на манифестацијата Оскар додаваат дека шоуто ги преживеало и Втората светска војна, и Корејската, и Виетнамската, без да биде одложено. Тие се оптимисти дека што и да се случи во Ирак - шоуто ќе да продолжи.

XS
SM
MD
LG