Британскиот премиер Тони Блер смета дека евентуалното вето на Франција и Русија во Советот за безбедност ќе претставува јасна порака за ирачкиот претседател Садам Хусеин дека може и натаму неказнето да се спротиставува на меѓунаредната заедница.
„Да немаме илузии: без закана од употреба на сила, нема изгледи дека Ирак ќе направи каква и да е отстапка или дека ќе соработува на каков и да е начин. Единствената причина за некаквиот напредок изминативе неколку е поради заканата од употреба на сила. Доколку земјите зборуваат за користење на правото на вето во секакви прилики, тоа испраќа порака до Садам дека може да се извлече. Таквиот развој на настаните би бил мошне неповолен“, изјави г-динот Блер.
Тој стравува и дека ирачката криза ги заострува односите меѓу САД и Европа.
„Транс-атланската алијанса за нас е битна и цврсто верувам дека доколку сето ова заврши со разидување на Европа и Америка, штета ќе имаат обете страни, но и на остатокот од светот. Затоа наредниве неколку дена треба интензивно да работиме за да видиме дали можеме да најдеме заеднички став“, вели британскиот премиер.
Г-динот Блер даде изјава за новинарите по средбата со португалскиот колега Хозе Мануел Дурао Баросо, како дел од дипломатските напори за придобивање меѓународна поддршка за британско- американскиот став во однос на Ирак. Британските дипломати велат дека се уште се обидуваат да добијат поддршка за новата резолуција во Советот за безбедност, дури и доколку на неа се стави вето. Во исто време, меѓу британските гласачи и законодавци расте незадоволството поради политиката на г-динот Блер во однос на Ирак.
Според најновото испитување на јавното мислење, само 19 проценти од Британците би поддржале војна против Ирак без претходно одобрение на ОН, додека една четвртина од британската јавност се противи на можната војна под секакви околности.