Раководителот на инспекцискиот тим на ОН надлежен за откривање на биолошко и хемиско оружје, Ханс Бликс рече дека Багдад ја зголемил соработката со инспекторите. Но, г-динот Бликс смета дека бавната реакција на Ирак на барањата на инспекторите и натаму ја истакнува потребата од итна и активна соработка.
„Јасно е дека, иако од ирачка страна се преземаат бројни иницијативи за решавање на некои долгорочни прашања во врска со разоружувањето, кои можат да се сметаат за активни или дури за проактивни, не може да се каже дека тие иницијативи, во овие три-четири месеци по донесувањето на резолуцијата претставуваат итна соработка“, истакна г-динот Бликс. Г-динот Бликс смета дека зголемената ирачка соработка е резултат на надворешниот притисок. Тој вели дека инспекторите допрва треба да пронајдат докази за забранети скриени активности. Тој додаде дека наместо двојно да се зголеми инспекцискиот тим, како што предлагаат некои членки на Советот за безбедност, тој преферира двојно зголемување на информациите од земјите членки за такви докази.
По презентирањето на извештајот, американскиот државен секретар Колин Пауел илустрирајќи го однесувањето на Ирак како „изобилство на несоработка“, побара од Советот за безбедност да усвои нова резолуција за Ирак.
Но, со невообичаено остри зборови, францускиот министер за надворешни работи Доминик де Вилепен вети блокирање на донесувањето на каква и да е нова резолуција.
„Како постојана членка на Советот за безбедност, ќе повторам: Франција нема да дозволи одобрување на резолуција со која се авторизира автоматска употреба на сила“, рече г-динот Де Вилепен.
Франција, како постојана членка може да го употреби своето право на вето за да го блокира изгласувањето на новата резолуција.