Линкови за пристапност

Буш:  Крајна фаза во врска со Ирак - 2003-03-07


Претседателот Буш кажа дека светот е „на само неколку дена“ од тоа конечно да одлучи како да постапи по прашањето за ирачкото оружје за масовно уништување, за кое Вашингтон тврди дека властите во Багдад се уште го кријат.

Франција, Русија и Кина веќе најавија дека се за продолжување на инспекциите за оружје на ОН во Ирак. Претседателот Буш, пак, сака Советот за безбедност да ги спроведе во дело предупредувањата од веќе усвоената резолуција, што предупредува дека „Ирак ќе се соочи со сериозни последици доколку не се разоружа“.

Во време кога Советот за безбедност за неколку дена би можел да гласа за новата американска предлог-резолуција, што би отворила пат за употреба на воена сила, претседателот Буш кажа дека дипломатијата не вродила со плод, и дека е подготвен да употреби сила без оглед на тоа што ќе одлучи Советот за безбедност. „Доколку треба да реагираме, ќе го сториме тоа, и навистина не ни треба одобрение од Обединетите нации“, рече тој.

Американскиот претседател подвлече дека се уште не донел конечна одлука за употреба на сила, но најави дека доколку дојде до напад, американската армија ќе го симне Садам Хусеин од власт и ќе постави, како што кажа, „праведна гарнитура“ што ќе ги претставува сите Ирачани.

Претседателот Буш смета дека нема потреба на Ирак да му се дава дополнително време да одговори на барањето за разоружување, образложувајќи го својот став со тоа дека доколку ирачкиот претседател навистина сакал да се разоружа, тој веќе ќе го сторел тоа.

„На инспекциите не им треба ниту повеќе време, ниту пак повеќе инспектори. Им треба она што досега не го добија: целосна соработка од страна на ирачкиот режим. Симболичните гестови не можат да се земат предвид“, кажа претседателот Буш.

Најголемата опасност, вели господинот Буш, лежи токму во статус-кво ситуацијата: „Ризикот да не се стори ништо, ризикот да се надеваме дека Садам Хусеин ќе го смени мислењето и ќе го омекне ставот, ризикот дека пасивноста на некој начин ќе го направи светот побезбеден е ризик што не сум подготвен да го преземам поради безбедноста на Американците“.

Фрација, од друга страна, смета дека воената акција во Ирак, ќе предизвика нови терористички напади. Претседателот Буш, пак, стои на ставот дека разоружувањето на Садам Хусеин е составен дел од борбата против тероризмот, бидејќи, како што кажа, токму поддршката на ирачкиот лидер за терористите на Ал-Каида придонела за нападите во Њујорк и Вашингтон во 2001-ва година.

XS
SM
MD
LG