Линкови за пристапност

Според кинескиот шеф на дипломатијата, нема причина за нова резолуција на ОН за Ирак - 2003-03-06


Кинескиот шеф на дипломатијата Танг Џијашуан вели дека “апсолутно не гледа причина“ за нова резолуција на ОН во врска со ирачкиот проблем.

Тој рече дека експертите за оружје на ОН немале време да ја завршат работата предвидена со резолуцијата што беше усвоена пред два месеца.

Со оваа резолуција, на Ирак му беше наложено да им дозволи на инспекторите на ОН да верификуваат дека Багдад го отстранил забранетото оружје за масовно уништување, или, во спротивно, ќе се соочи со сериозни последици.

Вашингтон врши притисок за нова резолуција на ОН со која би се овластила воена акција против Ирак поради криење на забрането оружје и лажење во врска со разоружувањето.

Кина ја поддржува изјавата на Франција, Русија и Германија, дека ќе блокираат секаква нова резолуција на ОН со која би се одобрила употреба на воена сила против Ирак. Франција, Русија и Кина имаат право на вето на резолуциите во Советот за безбедност.

Кинескиот министер за надворешни работи на денешната прес конференција за време на годишното двонеделно парламентарно заседание рече дека е прерано да се каже дали Пекинг ќе го искористи правото на вето.

Господинот Танг исто така побара од САД и Северна Кореја да започнат директни преговори за да го разрешат меѓусебниот спор што ескалира. Кинескиот шеф на дипломатијата кажа и дека Кина е против санкции за Северна Кореја, што би имале за цел врз официјален Пјонгјанг да се изврши притисок да се откаже од нелегалните нуклеарни програми.

Вашингтон го обвинува Пјонгјанг дека ги прекршува меѓународните спогодби со тоа што работи на тајна програма за развој на нуклеарно оружје. Господинот Танг го повтори долгогодишниот став на Кина дека овој проблем мора мирно да се разреши, и дека на Корејскиот Полуостров не смее да има нуклеарно оружје.

Кина е најблизок сојузник на Северна Кореја, со тоа што го обезбедува најголемиот дел од увозот на гориво и храна на оваа осиромашена земја. САД повеќепати имаат побарано од Пекинг да изврши притисок врз Северна Кореја да ги почитува меѓународните договори, но Пекинг нема сторено такво нешто.

XS
SM
MD
LG