Џони Грант, забавувач кој е познат како почесен градоначалник на Холивуд, на режисерот му предаде прокламација на две страници од градските власти на Лос Анѓелес.
„Ви го предадам ова како церемонијален градоначалник на Холивуд, и со тоа го прогласувам овој ден за Ден на Мартин Скорсезе во Холивуд“, рече г-динот Грант.
Со откривањето на плакетата во форма на ѕвезда, Мартин Скорсезе се придружи на класичните режисери како Д. В. Грифит и на ѕвездите како Чарли Чаплин, кои се меѓу оние на кои им е одадена почест на ова мошне популарно место за туристите.
Актерот Џо Пеши и актерката Шарон Стоун беа таму да му честитаат на режисерот. Тие играа заедно со Роберт ДеНиро во филмот на Скорсезе од 1995 Касино. Како многу од неговите филмови, тој се занимава со сложена тема, во случајот мафијаши од Лас Вегас. Актерката вели дека режисерот многу бара од нив, но и го добива најдоброто.
„Достигнувате ниво што е подобро од најдоброто што сте мислеле дека може да биде. Благодарам е малку да се каже, зашто наоѓате место во вас каде никогаш не би можеле да појдете. Се разбира, се чувствувате здробен кога се ќе се заврши, но мило ви е што сте минале низ такво искуство“, вели актерката Стоун.
Таа вели дека режисерот веројатно не знае, но актерите меѓу себе шепотат за него дека е папа на филмот.
Мартин Скорсезе се потсети на деновите кога растел во суров италијанско-американски кварт во Њујорк и на времето кога бил студент по филм на Универзитетот на Њујорк, кога успехот во Холивуд бил далечен сон. Тој вели дека неговите родители биле скептични, но дека сепак го поддржувале.
„Доаѓајќи од населба како нашата, да им кажете на родителите дека ќе одите во Холивуд да правите филмови, звучи далеку од умот. Невозможно е да се разбере. И, една вечер, ги слушнав како зборуваат; имавме само две соби и можев да слушнам се што се случуваше; мајка ми му рече на татко ми: Мислам дека е луд. Можеби нешто не е во ред со него. Но, сепак, доби две училишни награди. Можеби има нешто во него,“, се сеќава г-динот Скорезе.
Инспирирани од Њујорк се неговите филмови Злобни улици, Таксист и Добри момци.
Мартин Скорсезе вели дека на некој начин е добро што не добил Оскар додека бил млад, зашто славата можела да му удри во глава. Годинава тој ќе се натпреварува за престижната статуетка со својот најнов филм, епиката Бандите на Њујорк.
Наградите Оскар на Американската филмска академија ќе бидат доделени на 23 март во холивудскиот театар Кодак. Случајно или не, театарот е веднаш зад тукушто поставената плакета со ѕвездата на Мартин Скорсезе на холивудската Патека на славата.