Линкови за пристапност

Аналитичарите сметаат дека со апсењето на Калид Шеик Мохамед, на Ал Каида и е нанесена значителна штета - 2003-03-04


Американски официјални лица го сметаат Калид Шеик Мохамед за, цитираме, голема риба, и тврдат дека тој изминативе неколку години бил главен одговорен за операциите на Ал Каида, меѓу кои и за заговорот за терористичките напади врз САД во 2001-та година.

Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер, по повод апсењето на Мохамед изјави:

„Кога неодамна беше подигнато нивото на тревога, тоа се случи поради различни фактори. Точно е да се каже дека во неколку случаи во врска со тие фактори, постоеше поврзаност со Калид Шеик Мохамед“.

Разузнавачките експерти се на мислење дека Мохамед може да понуди изобилство информации за операциите на Ал-Каида и нејзините припадници.

Експертот за тероризам, Нил Ливингстон, кој раководи со компанијата Глобални опции од Вашингтон, а што се бави со проценка на безбедносни ризици, вели:

„Калид Шеик Мохамед буквално ја познава секоја ќелија на Ал-Каида во светот. Тој беше вмешан во буквално секој напад во изминативе десет години. Ова е огромен удар за Ал-Каида, во оперативна смисла. Не постои никој друг во Ал-Каида со степен на искуство како неговото, кој би можел да го замени“.

Експертот за тероризам Стив Емерсон, во изјавата за телевизијата Ен-Би-Си, изрази сличен став. Тој смета дека Мохамед е еден од неколкуте високи оперативци на Ал-Каида, кои тој би ги опишал како незаменливи:

„Неговото апсење беше најдеструктивен удар за Ал-Каида од 11-ти септември - наваму. Тоа не значи дека тие не можат да се прегрупираат. Но, поентата е во тоа што тој ги знаеше сите поединости и беше нешто како извршен директор на организацијата. Сега е тргнат, и ќе биде тешко да биде заменет“, смета г-динот Емерсон.

Пакистанските агенти, кои го уапсија Мохамед во саботата, при рацијата одзедоа комуникациска опрема и документи за кои експертот за тероризам, Нил Ливингстон, вели дека може да ја доведат истрагата до останатите поглавни членови на Ал-Каида:

„Пакистанската внатрешна разузнавачка служба и оперативците на ЦИА пронајдоа најразлични нешта, како лаптоп-комјутери, мобилни телефони и други податоци, што навистина можат да ги доведат до останатите терористички ќелии, па дури и до Осама бин Ладен. Во моментов се проверуваат пронајдените материјали“, додава г-динот Ливингстон.

Нил Ливингстон вели дека апсењето на Мохамед е добра вест на долгорочен план, но краткорочно, претставува ризик, поради опасноста Ал-Каида да ги забрза планирањата за нови напади.

„Мислам дека Ал-Каида во моментов очајнички ќе се обиде да покаже дека се уште може да оперира. Нејзините членови ќе се обидат да изведат некои напади, само за да порачаат – ние се уште можеме да дејствуваме, ние се уште постоиме и се уште треба да не земате сериозно“, вели тој.

Г-динот Ливингстон подвлекува дека американските истражни органи по апсењето на Мохамед се во трка со времето, целосно свесни дека информациите што би се извлекле од него можат да застарат од час во час.

XS
SM
MD
LG