Линкови за пристапност

Бајден: Претседателот Буш ги отуѓува американските сојузници во борбата против тероризмот - 2003-03-04


Сенаторот Бајден смета дека САД допрва треба да формулираат офанзивна стратегија што ја уважува, како што вели тој, заканата без граници од меѓународниот тероризам. Националната безбедност, тврди сенаторот Бајден, подразбира меѓународна соработка. Наместо тоа, вели тој, администрацијата на Буш ги отуѓи традиционалните американски сојузници со тоа што донесе унилатерални одлуки, не ги зеде предвид регионалните грижи во различни делови на светот, одби да преговара околу Меѓународниот кривичен суд и се повлече од Антибалистичкиот ракетен договор и Договорот од Кјото за заштита на животната средина. „Ќе биде потребен голем труд да се изградат нови видови на меѓународна соработка, што ќе биде наше најефикасно оружје во борбата против тероризмот. Во таа војна ние мора да научиме многу подобро да споделуваме разузнавачки податоци, многу подобро да соработуваме по прашањата на спроведување на законот, многу подобро да работиме на попречување на финансиските мрежи, а исто и на екстрадицијата. Ова требаше да биде приоритет број еден за оваа нација веднаш по 11 септември. Можевме и требаше, односно се уште мораме да ги собереме нашите сојузници, ОН, НАТО и другите, за да ја изградиме оваа соработка“, истакнува сенаторот Бајден. Сенаторот Бајден вели дека терористичката мрежа Ал-Каида и Северна Кореја се најголемите закани за безбедноста на САД, а не ирачкиот лидер Садам Хусеин.

За разлика од голем број сопартијци, господинот Бајден генерално ја поддржува политиката на владата на претседателот Буш во однос на Ирак. Но тој вели дека таа не го подготвила американскиот народ за последиците од војната против Ирак, што, според него, ќе предизвика долгорочна американска заложба во регионот. Во Авганистан, вели господинот Бајден, се поголемиот вакуум во власта дозволува фундаментализмот и тероризмот уште еднаш да фатат корени. „Ако влеземе во војна во Ирак, не можеме да ја направиме истата грешка. Мора да бидеме подготвени да останеме за да се осигураме дека Ирак ќе биде безбеден, дека ирачкото оружје за масовно уништување е уништено, дека границите нема да се променат, и дека на место на Садам Хусеин ќе дојде стабилна, плуралистичка влада. Ако не успееме во тоа, не само што ќе го изневериме ирачкиот народ, туку до крајност ќе го ризикуваме нашиот национален интерес во регионот. Добивање на војната за сметка на губење на мирот во Ирак, не е опција. За да ја избегнеме таа грешка, ќе биде потребно многу време и ќе чини многу, многу скапо“, вели тој. Сенаторот Бајден вели дека американскиот претседател мора да гради консензус од информирана јавност и да ги подготви Американците на жртвување, а не на намалување на даноците на кои повикува буџетот на господинот Буш.

Сенаторот Бајден ова го кажа во обраќањето пред професорите и студентите на Њујоршкиот универзитет.

XS
SM
MD
LG