Линкови за пристапност

Повикот за оставка на Садам Хусеин “ризичен“ - 2003-03-03


Бахраин и Кувајт се придружија на предлогот на Обединетите Арапски Емирати со кој се повикува Садам Хусеин да поднесе оставка за да спречи војна. Овој предлог беше поднесен од Обединетите Арапски Емирати во саботата на самитот на Арапската Лига, иако арапските лидери одбија да го разгледаат на овој состанок. Но вчера, кувајтскиот кабинет и кралот на Бахраин, Шеик Хамад бин Иса Ал Калифа, го поддржаа предлогот, велејќи дека тоа е единствениот начин да се спаси Ирак и да се поштеди народот. Некои политички анлаитичари во регионот велат дека биле изненадени од овој предлог. Ден Тширги, раководител на одделот за политички науки на Американскиот Универзитет во Каиро, вели дека тоа е спротивно од арапските норми на однесување. “Искрено, не разбирам зошто би го сториле тоа. Би очекувал од нив цврсто да се држат до својот кодекс на однесување, а таков има. Ако се сеќавате на арапската студена војна во 60-те и 50-те години во арапскиот свет, на интензивните соперништва меѓу десничарите, левичарите, традиционалистите и така натаму, напорите, некогаш и успешни, за соборување режими од соседни режими, беа прилично вообичаени. Сега тие се далеку од тоа, воспоставиле кодекс според кој едноставно не се повикува на такво нешто, и идејата е, секако, да не се работи против постоењето на друг режим“, вели тој. Господинот Тширги исто така вели дека за арапските лидери е ризично да повикуваат на повеќе демократија во соседна арапска земја, додека во регионот и натаму доминираат, како што ги нарекува, различни форми на диктаторство. Да се стори тоа, вели тој, ќе се ризикува привлекување на јавни барања за повеќе демократија во регионот. Мона Макрам Ебејд е професор по политички науки исто така на Американскиот Универзитет во Каиро. Таа вели дека да се повикува на соборување на арапски лидер е опасно од две причини. “Од страна на луѓето во регионот на тоа ќе се гледа како на мешање во внатрешните работи на друга земја, а тоа не се цени многу. Втора работа е што арапските лидери ќе се колебаат, затоа што ќе претставува многу опасен преседан странска држава да побара отстранување на еден лидер, што не е по нивни ќеифЌ, изјави госпоѓа Ебејд. Таа вели дека земјите во Заливот можеби сметаат дека имаат поголем авторитет да го повикаат Садам Хусеин да поднесе оставка, затоа што многу од нив се домаќини на десетици илјади американски и британски трупи, кои се подготвуваат за евентуален напад врз Багдад. Генералниот секретар на Арапската лига, Амр Муса вели дека арапските лидери одбиле да расправаат за предлогот на Обединетите Арапски Емирати за време на саботниот самит затоа што, според него, мнозинството арапски лидери сметаат дека проблемот е да се обезбеди разоружување на Ирак, а не смена на власта.

XS
SM
MD
LG