Линкови за пристапност

Уапсениот припадник на ал-Каида се уште во Пакистан - 2003-03-03


Во саботата, пакистанските власти го уапсија Калид Шеик Мохамед, со кувајтско потекло, кој е еден од најбараните осомничени терористи од страна на САД. За време на рацијата во една куќа во местото Равалпинди, во близина на Исламабад, уапсени се и еден Пакистанец и еден Сомалиец. Портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Азиз Кан, пред новинарите денеска изјави дека уапсените се уште се во Пакистан, на неоткриена локација. ЌШто се однесува до сегашната ситуација, Мохамед е се уште во Пакистан и тој е испрашуван од нашите власти. Тој е уапсен од страна на внатрешната разузнавачка служба и агенциите за спроведување на законот“, изјави Кан. Г-динот Кан кажа и дека не може да каже дали Калид Шеик Мохамед го испрашуваат и американски агенти. САД ова лице го врзуваат со неколку терористички напади врз американски цели, а се верува и дека тој е и оперативниот планер на нападите од 11-ти септември врз Њујорк и Вашингтон. Пакистан вели дека изминатата година уапсил преку 450 осомничени припадници на Ал-Каида. И покрај критиките од групите за човекови права, повеќето од приведените се предадени во надлежност на САД, без да поминат низ редовни законски процедури. Портпаролот Кан го објаснува владиниот став по ова прашање. “За одредени специјални случаи, одредени специјални околности, потребни се и специјални мерки, специјални акции и се зависи од ситуацијата. Преземаме потези во зависност од она што го налага ситуацијата“, вели Кан. Калид Шеик Мохамед е третиот осомничен припадник на Ал-Киада од висок ранг, кој е уапсен во Пакистан. Останатите двајца се Абу Зубејда, осомничен за главен финансиер на терористичката мрежа и Рамзи бин Ал-Шиб, наводен подготвувач на заговорот за нападите од 11-ти септември. Последните двајца осомничени, Пакистан ги предаде во надлежност на САД. Американските власти го поздравуваат апсењето на Калид Шеик Мохамед. Тие велат дека со тоа, ќе се добие информација која на владите ќе им помогне во спречувањето на идни терористички напади, а може да води и кон апсење на други значајни осомничени членови на Ал-Каида, вклучувајќи го и нејзиниот лидер, Осама бин Ладен.

XS
SM
MD
LG