Американските борбени авиони стационирани во Персискиот Залив досега испуштија милиони летоци врз Ирак. Во нив, ирачките цивили се предупредуваат да не се приближуваат кон воените објекти, а во пораката до ирачките војници стои дека ќе бидат бомбардирани доколку целат на авионите на коалицијата.
Потполковникот Ед Ворли е портпарол на американската Централна команда со седиште во Катар. Целта на психолошката војна, вели тој, е да се влијае на потенцијалниот непријател, без притоа да се употреби сила.
„Желбата ни е да нема конфликт со ирачката армија. Секогаш кога има војна, луѓето гинат. Целта на информативната воена кампања е да се осигураме дека можеме да го направиме она што треба да го направиме, да го разоружаме овој ирачки режим на чело со Садам Хусеин, без да се испука ниту еден куршум“,истакнува портпаролот Ворли.
Освен летоците, американската армија емитува и радио програма на арапски јазик наменета за ирачкиот народ и тоа на кратка и средна бранова должина и на Еф-Ем фреквенции.
Лени Кас, професор по воена стратегија во националниот воен колеџ во Вашингтон, вели дека најефикасна порака е онаа што претседателот Буш веќе ја испрати до ирачкиот народ.
„Ми изгледа дека пораката до ирачкиот народ дадена при редобното годишно обраќање до американската нација во Конгресот, е, или би требало да биде следнава – вашиот непријател не е оној кој ја опколува вашата земја, туку оној кој внатре ве држи во ропство, алудирајќи на Садам Хусеин. Ова, според мене, е мошне моќна порака“, истакнува таа.
Бен Абел е портпарол на Командата на американската армија одговорна за цивилни прашања и психолошки операции во базата Форт Брег, во федералната држава Северна Каролина. Тој вели дека со емитување на радио програмата, се врши обид да се убедат слушателите во Ирак дека целта на коалицијата под водство на САД е да го ослободи ирачкиот народ од режимот на Садам Хусеин.
„Мислам дека поголем дел од нашите непријатели се погрешно информирани за тоа што претставува воената цел. Тоа беше мошне очигледно во Авганистан, како најсвеж пример. Таму не сме присутни како освојувачи, туку таму сме за да му помогнеме на тој народ, да го ослободиме и да се обидеме да го подобриме нивниот живот. Кога луѓето биле подложни на лага толку долго време, треба постојано да ја нагласувате вашата цел. Психолошката војна е еден од начините да се стори тоа“, истакнува г-динот Абел.
Во новинските извештаи се вели дека претставници на американската армија до ирачките команданти испраќаат и-меил пораки и се јавуваат на нивните мобилни телефони, повикувајќи ги да се предадат, или во најмала рака, да останат неутрални за време на евентуаланата војна,.
Професорот Лени Кас смета дека информативната војна може да опфати специфични цели:
„САД сакаат да се осигураат дека нема да се употреби оружјето за масовно уништување. Оттука, до ирачките команданти е испратена директна порака, која во суштина значи – не го правете тоа бидејќи во спротивно, ќе бидете обвинети за воени злосторства. Има различни цели кои се обидувате да ги постигнете, но со една причина - да го сведат насилството на најмала можна мерка, и да ги намалат воените операции, за на крај да се спасат недолжните животи на обете страни“, вели таа. Г-ѓата Кас вели дека е тешко да се процени влијанието на психолошката војна, иако, вели таа, за време на Заливската војна од 91-та, многумина од околу 87-те илјади ирачки војници кои се предале, со себе имале летоци со слична содржина.
Професорот Кас вели дека заробените војници при испрашувањето признале оти летоците биле особено убедливи, особено за обичните регрути во ирачката армија.