Линкови за пристапност

Демократите загрижени заради  анти-американските чувства - 2003-02-25


Сенаторот Карл Левин, демократ од Мичиген и член на сенатската Комисија за вооружени служби смета дека американската јавна дипломатија, спoред него „не успеала“ да одговори на анти-американското чувство во светот. Сенаторот Левин пред новинарите изрази загриженост дека растечкиот анти-американски став би можел да има сериозни импликации врз евентуалната воена акција против Ирак. “Анти-американските чувства се екстремно големи, и мора да најдеме начин на тоа да одговориме. Анти американските чувства не се само податоци во испитувањата на јавното мислење. Тие би можеле да се одразат врз степенот на отпор кон евентуален напад. Исто така, тие би можеле да промовираат поттикнување на одговор од страна на терористите кон нас и кон светот, по евентуален напад“, смета Левин. Во медиумските извештаи изминативе недели се подвлекува зголемувањето на негативното мислење во светот во однос на САД, на претседателот Буш, посебно во однос на американската желба за унилатерално делување во надворешната политика. Извештаите посочуваат дека загриженоста поради улогата на американската моќ во светот и американската ароганција во надворешната политика во извесен дел го потпалуваат анти-американското чувство. Сенаторот Левин вели дека администрацијата на Буш мора повеќе да соработува со Советот за безбедност на ОН, посебно кога станува збор за Ирак. Со ова мислење се согласува и сенаторот од Западна Вирџинија, демократот Џеј Рокфелер, кој е член на Комисијата за разузнавање. “Секогаш, во однос на Америка постоело чувство на храброст, дека ќе појдеме и ќе го сториме тоа самостојно, по секоја цена. Тоа навистина не отуѓува кај народите ширум светот, посебно во исламската заедница, исто така и кај нашите сојузници. Нас ни требаат нашите сојузници, во случај да дојде до војна, но сосема е и сигурно дека ни се потребни за работата што следува по војната, за обнова на Ирак, изјави Рокфелер. Сенаторите Рокфелер и Левин беа дел од сенатската делегација која штотуку се врати од еднонеделната посета на Катар, Пакистан, Авганистан, Кувајт, Италија и Велика Британија, каде што се сретнаа со американски армиски претставници и со државници од регионот. Во оваа делегација исто така беа и републиканците кои претседаваат со сенатските комисии за вооружени служби и разузнавање, сенаторите Џон Ворнер од Западна Вирџинија и Пет Робертс од Канзас. Сенаторот Ворнер ги коментираше неодамнешните анти-воени демонстрации во Европа и во САД, истакнувајќи дека ваквите протести не би требало да ги попречат подготовките за евентуална воена акција против Ирак. “Собирите на улиците ширум светот и дома, претставуваат значаен израз на слободите што ги уживаат луѓето овде и во странство, во однос на загриженоста поради овој конфликт. Но тоа не треба да не одврати. Ние не треба да ги игнорираме овие демонстрации. Напротив, сметам дека треба да ги почитуваме. Но, мора да демонстрираме цврсто лидерство“,кажа сенаторот Ворен.

XS
SM
MD
LG