Линкови за пристапност

Буш:Верувањето во здравиот разум и самоконтролата на Садам Хусеин не е опција - 2003-02-20


Висок претставник на Белата куќа вели дека наредната недела пред Советот за безбедност на ОН, САД ќе презентираат втора резолуција за Ирак. Тој вели дека во неа, Ирак ќе биде оквалификуван како материјален прекршител на Резолуцијата 1441 на ОН донесена во ноември минатата година.

Тајмингот и текстот на новата резолуција веројатно се поврзани со напорите да се победат неодлучните сојузници. Франција која е постојана членка на Советот за безбедност, веќе индицираше дека можно е да стави вето на оваа резолуција која го подготвува теренот за војна. Кина и Русија исто така бараат на инспекторите за оружје во Ирак да им се даде повеќе време , но и помалку да се нагласува употребата на сила.

Во својот говор во федералната држава Џорџија, претседателот уште еднаш кажа дека воената акција и натаму е последната опција, ставајќи на знаење дека да се игнорира ирачката закана е уште полоша варијанта.

„Дозволете ми да ви кажам што не е опција. Верувањето во здравиот разум и самоконтролата на Садам Хусеин, не е опција“, истакна г-динот Буш.

Тој трезвено зборуваше за решеноста да го заштити американскиот народ. Претседателот Буш кажа дека ирачкиот лидер поседува оружје за масовно уништување и не ги почитува наредбите да го уништи. Тој истакна и дека одбивањето и одложувањето не може да се толерира.

„Америка и нашите сојузници повторно се повикани да го одбранат мирот од агресивен тиранин. И ние ја прифаќаме оваа одговорност“, порача американскиот претседател.

Во говорот во Атланта претседателот кажа дека денот за слобода на ирачкиот народ, се наближува. Тој за Ирак кажа дека може да биде извор на надеж за целиот Блиски Исток.

„Наместо да им се заканува на соседите и да ги засолнува терористите, Ирак може да биде пример на напредок и просперитет во регионот“, рече тој.

Претседателот Буш од Џорџија ќе замине на својот ранч во Тексас, каде викендов ќе се сретне со премиерот на Шпанија, една од европските земји која го поддржува повикот на г-динот Буш за цврста акција за разоружување на Ирак.

XS
SM
MD
LG