Линкови за пристапност

Предложена резолуција до Конгресот со која им се изразува благодарност на европските земји за поддршката по ирачкото прашање - 2003-02-13


Во резолуцијата насловена како „Став на Конгресот“, републиканците Џон Меккејн и Линзи Грем и демократите Џо Либерман и Еван Бај упатуваат благодарност до Албанија, Бугарија, Данска, Естонија, Италија, Латвија, Литванија, Македонија, Обединетото кралство, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска, Чешката Република и Шпанија за ставот за целосно исполнување на резолуцијата 1441 на Советот за безбедност на ОН од страна на Ирак и за нивната солидарност со САД во повикот за целосно исполнување на барањата за ирачко разоружување.

„Мнозинството европски демократии се изјаснија и нивните пораки не можеа да бидат појасни: Франција и Германија не говорат во името на Европа“, рече сенаторот Меккејн.

Сенаторот Џо Либерман, пак, со критики кон оние што се спротивставија: „Франција и Германија деновиве се во главните вести - и тие се значајни американски сојузници. Но, во овој случај, тонот и големината на нивното противење ја доведува во опасност едногласноста на речиси обединета Европа“, кажа тој.

Македонија, заедно со уште девет земји од Вилнус групата на 5-ти февруари објавија декларација која го изразува ставот по ирачкото прашање. „САД пред Советот за безбедност презентираа убедливи докази за ирачката програма за оружје за масовно уништување, за ирачките активни напори за измама на инспекторите и за поврзаноста со меѓународниот тероризам“, се вели меѓу другото во декларацијата. Воедно, Советот за безбедност се повикува да преземе, цитираме „неопходна и соодветна акција како одговор на континуираната ирачка закана врз меѓународниот мир и безбедност“.

XS
SM
MD
LG