Линкови за пристапност

Германскиот канцелар и натаму е за мирно решение на ирачката криза - 2003-02-13


Господинот Герхард Шредер во говорот пред собранието подвлекувајќи дека се залага за мирно решение на ирачката криза, кажа дека Резолуцијата 1441 на ОН, автоматски не отвора можност за воена акција. Тој рече дека ќе соработува со Франција, Русија и другите земји за да се најде дипломатско решение на проблемот. Меѓународната заедница мора да се концентрира на борбата против тероризмот, кажа германскиот канцелар, но рече и дека евентуалната војна против Ирак само би ги поттикнала фанатиците во муслиманскиот свет.

„Оние што сакаат да ја решат оваа криза со воени средства мора да одговорат на прашањето дали тоа ќе ја зајакне меѓународната алијанса против тероризмот, во која има над 50 муслимански држави, или дали тоа ќе биде закана за таа алијанса, па дури и дали нема да ја распадне, затоа што тоа би имало разорувачки резултати по борбата против меѓународниот тероризам“, истакна господинот Шредер.

Германскиот лидер исто така најави дека Германија ќе ги почитува своите заложби кон НАТО.

„Германија стои зад своите обврски со НАТО. Ако еден партнер е нападнат, ние ќе ја браниме таа земја“, подвлече канцеларот Шледер.

Германија, Франција и Белгија во моментот го блокираат НАТО да започне планирање за заштита на Турција во случај на војна, велејќи дека таквиот чекор би значел признавање дека војната со Ирак е неизбежна. Германскиот министер за одбрана, Питер Штрук кажа дека до сабота нема да биде донесена никаква одлука по ова прашање.

XS
SM
MD
LG