Линкови за пристапност

Буш: Одлуката на Франција, Германија и Белгија и наштетува на Алијансата - 2003-02-11


Американската влада вложува максимеален напор да добие поддршка за својот бескомпромисен став во однос на Ирак. Но, вчера, Белата куќа доби само фрустрации. Франција, Германија и Русија побараа повеќе време за инспекторите за оружје и стивнување на воената реторика. Неколку часа пред тоа, Французите, Германците и Белгијанците го блокираа обидот НАТО да обезбеди дополнителна воена помош за Турција, единствената членка на Алијансата што граничи со Ирак.

Претседателот Буш кажа дека не е вознемирен заради ова попречување, но упати директна критика на адреса на Франција:

„Разочаран сум што Франција ќе го попречи НАТО да и помогне на земја како Турција да се подготви. Не ја разбирам таквата одлука. Тоа негативно влијае на Алијансата“, рече тој.

Претседателот Буш говореше за време на паузата од средбата со неговиот клучен сојузник, австралискиот премиер Џон Хауард. Американскиот претседател смета дека се уште има време Алијансата да и помогне на Турција.

„Според моја проценка, одлуката на НАТО е кратковида, и се надевам дека повторно ќе ја разгледаат“, потенцира г-динот Буш.

Претседателот се осврна и на изјавата на ирачкиот амбасадор во ОН, дека Багдад ќе дозволи американски набљудувачки авиони да летаат над Ирак, како што отпорано побараа инспекторите. Господинот Буш беше сомничав дека ирачкиот претседател дава согласност во последен момент со некава искрена намера.

„Тоа е човек кој се обидува да добие на време. Се обидува да игра дипломатски игри. Тоа му успева веќе 12 години“, рече американскиот претседател.

Претседателот Буш потенцираше дека не се работи за тоа дали Багдад ќе се согласи на отстапки, туку дали ќе се разоружа согласно резолуциите на Обединетите нации.

XS
SM
MD
LG