Линкови за пристапност

Анти - американскиот став е кон политиката, а не кон луѓето - 2003-02-11


Од испитувањата на јавното мислење што ги спроведе Истражувачкиот центар Пју, очигледно е дека поголемиот дел од светот има негативно мислење за американската владина политика. Но, Никол Спилда од Центарот Пју, која раководеше со истражувањето, вели дека сликата е попозитивна кога станува збор за тоа што чувствуваат луѓето во останатите земји во врска со американската култура и народ.

„Тоа се резултатите од нашата студија: се работи за политиката, а не за луѓето“, вели г-ѓа Спилда.

Центарот Пју своите резултати ги базираше врз основа на ставовите на 38.000 лица од 44 земји во светот. Г-ѓа Спилда, вели дека постарите испитаници на возраст над 50 години, покрај негативната оценка за американската политика, биле негативни и во однос на ширењето на американската култура. За разлика од нив, младите од 18 до 29-годишна возраст биле поподложни на влијанието на американскиот филм, телевизијата и музиката.

Меѓутоа, во минатогодишната одвоена анкета што ја спроведе Универзитетот во Бостон беа опфатени мислењата за Американците на над 1.300 средношколци од Тајван плус 11 други земји, вклучувајќи ги Кина, Пакистан и Саудиска Арабија. Резултатите покажуваат дека тинејџерите во овие земји генерално имаат негативно мислење и Американците ги сметаат за материјалисти, неморални, насилни и наредбодатели.

Ко-авторот на студијата, професорот Мелвин ДеФлер ги обвинува мас-медиумите за тоа што на младите во странство им се пренесува извитоперен поглед за Америка.

„Она што тинејџерите го восприемаат, без да го разверат, се инцидентни и плитки лекции за тоа какви се Американците, и на нас се гледа како на мошне насилен и криминален народ. На пример, на нашите жени се гледа како на сексуално неморални, бидејќи речиси во секој филм или телевизиска емисија деновиве многу од актерките ги гледате во кревет“, вели г-динот Дефлер.

Дали мислењето на луѓето од другите земји спрема Американците, влијае на односите на нивните влади со Вашингтон? Можно е, вели Ен Флорини од Институтот Брукингс, но додава дека странските влади обично имаат други грижи во односите со американската Влада отколку јавната популарност на Американците и нивната култура.

Г-ѓа Флорини ја издвојува Турција како пример за земја чија влада треба да балансира меѓу силното јавно противење на американската политика во однос на Ирак од една, и соработката со Вашингтон од друга страна.

„Фактот дека над 80 проценти од Турците се противат на каква и да е турска вмешаност во евентуалната војна против Ирак и не сакаат да соработуваат со САД околу овој проблем, очигледно, покренува многу прашања околу степенот на кој турската Влада би можела, доколку сака, да учествува во таа војна“, смета таа.

Сепак, г-ѓа Флорини додава дека многу земји чие население во најголем дел е анти-американски расположено, сепак на крај се решаваат на соработка со САД, бидејќи нивните влади се свесни дека има поголем ризик доколку не го сторат тоа.

XS
SM
MD
LG