Линкови за пристапност

По привремената нестабилност, Србија и Црна Гора ги чекаат побрзи реформи - 2003-02-11


Даниел Сервер од американскиот Институт за мир вели дека неуспешните избори во Црна Гора не се добра работа, но не и катастрофална. Во повторените избори од двете претходни неуспешни гласања, одѕивот на гласачите не ги достигна законските 50 проценти. Владините институции во двете републики, вели господинот Сервер, се веројатно доволно моќни да се справат со одредена доза на привремена нестабилност.

Новиот модел на полабав сојуз меѓу двете поранешни југословенски републики е непопуларен и во Србија и во Црна Гора. Тој им беше наметнат на неодлучните политичари во Белград и во Подгорица од страна на Европската унија, која сака да ги зачува Србија и Црна Гора заедно.

„Србија и Црна Гора се како брачна двојка која три години живеела одвоено, и сега се обидува да се помири. Ниту една од страните не е многу задоволна од условите, но се обидуваат. И мислам дека навистина ќе се потрудат“, смета г-динот Сервер.

Главно церемонијалниот претседател за двете држави ќе биде избран од страна на новиот Парламент.

Создавањето на Србија и Црна Гора го остава југословенскиот претседател Воислав Коштуница без работа. Господинот Сервер, кој штотуку се врати од Белград, вели дека господинот Коштуница може да се најде во опасност да ја загуби и својата изборна популарност. Тој смета дека корист од формирањето на новиот сојуз има токму соперникот на господинот Коштуница, српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.

„Ѓинѓиќ доби голема битка. Се досега, реформите беа во застој, главно поради спорот меѓу Коштуница и Ѓинѓиќ. Сега Зоран Ѓинѓиќ е целосно одговорен за спроведување на реформите до крај. Веќе нема изговор во меѓусебните внатрешни кошкања“, истакнува г-динот Сервер.

Тој додава дека најитна потреба е реформирањето на безбедносните служби и судството, и очекува реформите да тргнат со побрзо темпо.

XS
SM
MD
LG