“Не крв за нафта“, гласеа многу пароли на недаомнешните демонстрации во САД против војната. Оние кои се против евентуалната војна со Ирак обично претпоставуваат дека САД всушност сакаат да преземат контрола врз огромните ирачки резреви на нафта. Но, во тоа нема економска логика, велат аналитичарите, кои тврдат дека причините треба да се бараат на друго место. Ед Ворнер во следниов прилог ја испитува темата - војна заради нафта.
Во последните интервјуа, ирачкиот лидер Садам Хусеин потенцираше дека САД сакаат да започнат војна за да ја преземат нафтата во неговата земја, инаку најголемите резерви во светот по оние во Саудиска Арабија.
Многумина се согласуваат со ова, дури и кога се против него. Тие велат дека Ирак е примамлива добивка за владата на Буш, која има тесни врски со нафтената индустрија. Вреди да се води војна, велат тие, за да се преземе контролата врз ирачките нафтени полиња.
Тие се повикуваат на потпретседателот Дик Чејни, кој беше извршен директор на Халибартон, една од главните американски компании за трговија со нафта. За волја на вистината, раководителите на американските нафтени компании во моментов се советуваат со првите луѓе во владата околу ирачката нафта.
Но, нивните разговори се однесуваат за повоен Ирак. Ако ништо друго, американските нафтени магнати се барем загрижени поради војната бидејќи тоа може да доведе до уништување на ирачките нафтени полиња, намалување на резревите, заглавување на цените. Во бизнисот е потребна стабилност.
Ирак, секако, не е средство на САД или која и да е друга сила, вели Грегори Гаус, директор на програмата за студии за Блискиот Исток на Универзитетот во Вермонт. Повоен Ирак, инсистира тој, ќе остане суверена држава.
Сметам дека е погрешно да се смета како колонијалното грабање на нафта од 20-те години, кога светскиот пазар на нафта веќе не функционира на тој начин. Која и да е влада која би го наследила Садам Хусеин, дури и да е про-американска, или влада поставена од страна на Американците, таа ќе сака да ја преземе контролата врз нафтените извори во Ирак затоа што тоа е главниот имот што ќе го поседува таа влада, вели господинот Гаус.
Американскиот државен секретар Колин Пауел деновиве истакна дека ирачката нафта му припаѓа на ирачкиот народ. Во период по евентуалната војна, вели тој, таа може да биде под надворешен надзор, но само како подготовка за ирачка употреба.
Тоа ќе се случи, вели Томас Липман, аналитичар во Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон. САД не треба да стравуваат од ирачката контрола врз сопствената нафта: „Не знаеме дали некоја нова влада во Ирак ќе ги почитува договорите за производство на нафтата што се потпишани со Русија и Франција. Но сигурно е дека дури и во случај на илјадници километри наоколу да нема ниту еден Американец, Ирак по Садам ќе сака да го зголеми производството на нафта, да ги модернизира нафтените полиња“.
Господинот Липман додава дека дури и непријателска влада во повоен Ирак не би можела да ги спречи САД да дојдат до нафтата што им е потребна. Ирачката нафта претставува мал процент на светските пазари.
Луѓето како Џорџ Буш и Дик Чејни, вели тој, сфаќаат дека на модерниот нафтен пазар, потеклото на суровата нафта не е важно. Има само еден глобален нафтен пазар. Ако купуваме нафта од Ирак, тогаш Јапонците нема да ја купуваат. Ако не купуваме, тогаш ќе ја купуваат Јапонците или Французите или Шпанците или оние на кои им е потребна. Потеклото на суровата нафта е сосема ирелевантно.
Нафтата ќе биде од суштинско занечење за обновата на повоен Ирак. Лари Голдштајн, претседател на Истражувачката организација на петролејската индустрија од Њујорк, за Вол стрит џурнал, изјави: “Ако одиме во војна, тоа нема да биде заради нафтата. Но денот кога ќе заврши војната, се ќе биде поврзано со нафтата“.
Професорот Гаус вели дека обновата може да биде многу компликувана доколку Садам Хусеин успее да ги уништи нафтените полиња во Ирак, како што стори во Кувајт за време на Заливската војна.
Ако тој ги уништи изворите и Ирак не функционира некое време, ќе видите дека пазарите ќе реагираат многу нервозно. Се разбира, она што би се случувало со саудиското производство и производството на другите земји би можело да ги ублажи ефектите. Но, тоа може да има подолгорочни последици додека трае обновата на Ирак и додека земјата не се врати на нормален живот, вели господинот Гаус.
Професорот Гаус вели дека оваа закана ќе води кон тоа американските сили да ги окупираат нафтените полиња колку што е можно побрзо, за да спречат саботажа.