Линкови за пристапност

Бликс и Ел Барадеи заминуваат во  Ирак - 2003-02-07


Инспекторите за оружје посетија локации во Багдад и во јужниот дел на земјата, меѓу кои едно воено депо, фабрика за пестициди и станица за прочистување на водата.

Главниот инспектор на ОН за оружје, Ханс Бликс и директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеи се на пат кон Ирак за да извршат притисок за поголема соработка од страна на ирачките претставници.

Во Виена пред заминувањето за Багдад, г-динот Бликс изјави дека на инспекторите за оружје за првпат им било дозволено насамо да разговараат со еден од ирачките научници. Ваквите интервјуа се едно од клучните барања за кои Советот за безбедност инсистира дека Ирак мора да ги исполни.

Г-динот Бликс исто така рече дека за да биде успешен, инспекцискиот процес мора да биде поддржан од Ирак, како и од останатите земји. Една од причините зошто соработката е од суштинско значење, според г-динот Бликс е тоа што инспекторите немаат многу време да ја завршат својата работа.

„Тоа бара соработка од страна на Ирак и активна соработка подеднакво и во процесот и во суштина. Потребна е соработка од земјите членки, и ние добиваме голема поддршка. Но, без активна соработка од ирачка страна, тешко е да се постигне ефективен инспекциски процес. Ние имавме осум години и за тоа време многу беше постигнато, но светот нема да чека уште осум години“, рече г-динот Бликс.

За време на престојот во Багдад, г-дата Бликс и Ел Барадеи се очекува да извршат притисок врз високите ирачки претставници да ги откријат сите докази за постоечките програми за оружје. Претставниците на ОН за нивните резултати на 14 февруари ќе го информираат Советот за безбедност.

Г-динот Бликс кажа дека во тој извештај големо влијание ќе има соработката од ирачка страна во непосредна иднина.

XS
SM
MD
LG