Линкови за пристапност

Излагањето на секретарот Пауел предизвика дебата меѓу светските влади дали доказите се доволни за да се оправда воена акција против Ирак - 2003-02-07


Ирачката реакција на излагањето на господинот Пауел беше очекувана. Претставниците во Багдад ја отфрлија презентацијата на господинот Пауел со тврдење дека тоа не е ништо друго освен вовед за војна.

Ирачкиот соработник со инспекторите за оружје на ОН, Амер ал-Саади, за доказите за криењето на програмите за оружје рече дека биле неубедливи.

„Ова беше типично американско шоу со трикови и специјални ефекти. Она што го слушнавме…беше за јавноста и главно за неинформираните со цел да се влијае на нивното мислење и да се придобијат за агресија врз Ирак, смета тој.

Тоа не е вистина, велат се повеќе светски лидери, кои се сложуваат дека американската презентација ја покажала измамата на Багдад. Австралискиот министер за надворешни работи Александар Даунер вака го кажа тоа во интервју за австралиската телевизија.

„Садам Хусеин не соработува со инспекторите на ОН. Совершено е очигледно дека настојува да ја избегне работата на инспекторите и да ги крши резолуциите на Советот за безбедност“, истакна министерот Даунер.

Претседателот Буш предупреди дека ќе употреби сила заедно со, како што ја нарече коалицијата на оние што се подготвени, без одобрение на ОН, доколку е потребно, за да се елиминира заканата од Ирак. Но еден ден по презентацијата на господинот Пауел, ЕУ и натаму е поделена во врска со тајмингот за употреба на каква било сила за разоружување на Ирак. Многумина се уште се противат на вклучување во војна предводена од САД, без поддршка од ОН. НАТО го одлага одобрувањето на американското барање помош. Британија силно го поддржува американскиот став дека Ирак материјално ги крши резолуциите на ОН и мора да биде присилен да се разоружа. Истото го мислат и повеќето држави од Централна и Источна Европа.

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Папандреу, чија Влада е на чело на ротирачкото претседателство со ЕУ, изрази надеж за дипломатско решение. Тој вели дека сега на Садам Хусеин се префрла товарот на доказите.

„Ние сакаме дипломатско решение. Не можеме да го добиеме ако нема целосно исполнување на обврските. Целосно исполнување значи дека тој мора да не убеди. Инаку ќе има тешки последици“, порачува шефот на грчката дипломатија.

Франција, која има право на вето во Советот за безбедност, го одразува ставот на оние држави кои сакаат да се даде повеќе време за инспекциите за оружје, пред да почне да се разгледува употребата на сила. Еден ден по презентацијата на господинот Пауел, францускиот претседател Жак Ширак кажа дека неговиот став не е променет. Патрис Де Бер е политички коментатор за влијателниот француски весник Монд:

„Би било тешко за претседателот Жак Ширак да оди против јавното мислење, според кое 80 проценти се против војна, без поддршка од ОН“, вели г-динот Де Бер.

Професорот на Американскиот Универзитет, Алан Лихтман вели дека презентацијата на господинот Пауел во Советот за безбедност на ОН веројатно не го променила мислењето на меѓународната јавност во голем степен.

„Мислам дека ќе има помал ефект на меѓународното мислење, кое во голема мерка е против американската позиција. Мислам дека самиот овој говор нема да предизвика драматична промена во ставовите на луѓето во светот“, рече професорот Лихтман.

Други аналитичари пак предвидуваат суптилна промена во јавното мислење, како одраз на чуството дека војната е неизбежна.

На Блискиот Исток, генералниот секретар на Арапската Лига, Амр Муса пред новинарите изјави дека има сомневања во веродостојноста на изјавите на господинот Пауел. Тој рече дека на инспекторите на ОН им треба повеќе време за да ги проверат информациите.

Но тоа неизбежно не го намалува притисокот врз Ирак. Арапските лидери ги засилуваат напорите да го убедат Садам Хусеин дека мора поцелосно да соработува со инспекторите на ОН со цел да спречи војна.

XS
SM
MD
LG