Според бројките во буџетот, доколку биде одобрен во Конгресот, на Одделот за одбрана идната година ќе му бидат доделени околу 380 милијарди долари. Со уште 20 милијарди долари за програмите за нуклеарно оружје во одделот за енергетика, вкупниот буџет за националната безбедност за идната година достигнува речиси 400 милијарди долари. Тоа претставува зголемување за 4 проценти во 2004. Долгорочниот план за буџетот за воени трошоци предвидува зголемување за над 500 милијарди долари до 2009 година.
Пентагон вели дека мотото на новиот буџет е: “Во пресрет на денешните закани додека се подготвуваме за утрешните предизвици“.
Средствата од овој буџет се насочени на трансформација на вооружените сили во сферите кои се сметаат за клучни за војната против тероризмот и другите неконвенционални закани.
На пример, елитните сили за специјални операции ќе добијат зголемување од 50 отсто и тие средства ќе изнесуваат од три до 4,5 милијарди долари. Пентагон, исто така, планира зголемување од 2000 членови на персоналот кој е вклучен во командните активности и ќе преобрати четири подморници со балистички проектили во бродови кои би биле оспособени да пукаат со крстосувачки ракети и да пренесуваат сили за специјални операции.
Владата, исто така, предлага зголемување на трошоците за беспилотни летала, за шпионски авиони со далечинско управување како Предатор, кои имаа клучна улога во војната во Авганистан и во набљудувачките мисии над Ирак.
Во буџетот предложен за 2004-та, меѓу другото е вклучено зголемување на трошоците за програми за хемиско-биолошка заштита, повеќе пари за националните напори за противракетна одбрана, како и зголемување на средствата за нови сателити, радари, компјутери и комуникациска опрема. Пари се бараат, доколку бидат одобрени, и за мал број нови бродови и авиони.
Ниту еден дел на буџетот не се осврнува на можната цена на војна со Ирак. Не се вклучени посебни одредби за тоа, бидејќи високи функционери на одбраната велат дека не е познато колку тоа би чинело. Ако има војна, администрацијата ќе бара дополнителни средства.