Во прво време, вниманието ќе биде насочено на тоа да се разоткрие што се случи со шатлот Колумбија, и како да се избегнат ваквите несреќи во иднина. Раководителот на НАСА, Шон О’ Киф даде вакво ветување во изјавата за телевизијата Си-Би-Ес:
„Ќе откриеме што се случило. Тоа им го должиме на семејствата на екипажот. Ќе осигураме да се провери се и да излеземе со заклучок за тоа што ја предизика оваа трагедија. Ќе ја исправиме грешката и повторно ќе летаме“, беше дециден г-динот О Киф.
Членовите на Конгресот исто така ветуваат дека вселенската програма ќе се опорави. Сенаторот Бил Нелсон е демократ од Флорида, кој летал со вселенскиот брод Колумбија како конгресмен во 1986 година. За телевизијата Ен-Би-Си тој изјави:
„Верувам дека желбата на американскиот народ е да ја истражуваме вселената. Се надевам дека тоа ќе може да биде претворено во енергична програма што ќе не одведе понатаму од вселенските станици, што ќе не однесе на Марс, или назад на Месечината. На нацијата и треба визија. Вселенската програма е начин за остварување на таа визија“.
Американскиот сенатор Џон Глен е уште еден ветеран на вселенските летови. Иако е најмногу познат како првиот Американец кој ја обиколи Земјата во капсулата Меркури во 1962 година, Џон Глен исто така беше во екипажот на вселенскиот борд Дискавери на мисијата во 1998 година, на возраст од 77 години. Тој за Ен-Би-Си кажа дека американскиот народ треба да се потсети на придобивките од американската вселенска програма:
„Да се запамети дека ние не летаме во вселената поради забава. Ние сме таму за да извршуваме работи што се вредни за секого тука на земјата“, изјави г-динот Глен.
Загубата на седумчлениот екипаж на шатлот Колумбија во саботата е трета катастрофална несреќа во историјата на американската вселенска програма.
Тројца астронаути на Аполо загинаа во пожарот во вселенскиот центар Кенеди на Флорида во 1967 година. Сите седум членови на екипажот на вселенското летало Челинџер загинаа кога тој експлодира веднаш по полетувањето во 1986 година.
По трагедијата на Колумбија, претседателот Џорџ Буш како и претседателите пред него по двете претходни несреќи, ги уверуваше Американците дека човековиот стремеж кон ѕвездите нема да запре:
„Човештвото е водено во темницата што постои зад нашиот свет од инспирацијата да открива и од копнежот да разбере. Нашето патување во вселената ќе продолжи“, рече тој.