Линкови за пристапност

Европски реакции на годишното обраќање на американскиот претседател - 2003-01-29


Прашањата за Ирак доминираа во неделното појавување на британскиот премиер Тони Блер во Парламентот.

Премиерот го поддржа тврдењето на Буш за поврзаноста меѓу терористите на ал-Каида и Ирак, иако кажа дека нема докази оти Ирак бил вмешан во терористичките напади врз САД во 2001.

Господинот Блер исто така го намалуваше значењето на критиките дека во случај на војна со Ирак, британските трупи би биле под контрола на американски воени команданти. Наместо тоа тој апелираше за единство против ирачкиот претседател Садам Хусеин.

„Сигурно е подобро сега да се здружиме како Долен дом на Парламентот, како држава, за да извршиме максимален притисок врз Садам, затоа што една работа што би го направила конфликтот неизбежен е знакот на слабост во нашата решеност да се справиме со негоЌ, рече тој.

Господинот Блер исто така јасно кажа дека кампањата за запирање на ширењето на оружје за масовно уништување нема да заврши со Ирак.

„Откако ќе се справиме со Ирак, тогаш секако преку ОН, повторно ќе мораме да се судриме со Северна Кореја заради нејзината програма за оружје. Мора да се спротивставиме на оние компании и поединци кои тргуваат со оружје за масовно уништување. Кога ќе запреме? Ќе запреме кога заканата за нашата безбедност ќе биде соодветно и целосно отстранета“, потенцира британскиот премиер.

Другите европски земји се внимателни во нивните реакции на говорот на Буш. Но има големо одобрување за одлуката на претседателот Буш да презентира свежи докази против Ирак пред Советот за безбедност на ОН идната недела.

Русија вели дека е подготвена да ги слушне и да ги анализира новите докази, што ќе ги презентира државниот секретар Колин Пауел.

Франција кажа дека ја поздравува американската одлука, велејќи дека информациите може да им користат на инспекторите за оружје на ОН во Ирак.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, вели дека е задоволен што САД продолжуваат да работат преку дипломатски канали.

Германија соопшти дека со нетрпение ги очекува новите информации и повторува дека употреба на воена сила против Ирак мора претходно да биде одобрена од Советот за безбедност.

XS
SM
MD
LG