Садам Хусеин не се разоружува и САД идната недела пред ОН ќе дадат докази за тоа, истакна претседателот Буш во синоќешното редовно годишно обраќање до нацијата, со кое се обиде да добие поддршка дома и во странство за евентуалната воена акција против Ирак
Тоа беше можеби најважниот говор на претседателот Буш откако стапи на функцијата, сочинет така за да ја подготви земјата за можноста од војна и да добие поддршка за политиката на својот кабинет. Претседателот Буш подвлече дека постојат докази за поврзаноста на Ирак со терористите, како и дека целта на Садам Хусеин со оружјето за масовно уништување е да доминира, да заплашува и да напаѓа. „Наредната среда, пред Советот за безбедност на Обединетите нации, државниот секретар Пауел ќе презентира информации и разузнавачки податоци за ирачката илегална програма за оружје, за обидот на Багдад да го сокрие тоа оружје од инспекторите и за поврзаноста со терористичките групи“, најави американскиот претседател.
Како и многупати овие денови, претседателот Буш кажа дека САД ќе се консултираат со Обединетите нации, но и дека Багдад ќе биде разоружан сосила, доколку одбие тоа да го стори на мирен начин. Доколку се покаже дека војната е неизбежна, американската армија ќе настапи со полна сила и САД ќе надвладејат, порача претседателот. „Некои велат дека не смееме да реагираме додека заканата не е директна. Од кога тоа терористите и тираните најавуваат што им се намерите, учтиво известувајќи не пред да не нападнат“?
Програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја бара поинаква стратегија, додаде претседателот Буш, и затоа Вашингтон работи заедно со Јужна Кореја, Јапонија, Кина и Русија на мирно, дипломатско решение.
Влечејќи поука од фактот дека неговиот татко загуби на реизборот за претседател по Војната во Заливот во 1991-ва година поради економската загриженост во земјата, претседателот Буш голем дел на обраќањето посвети на тековното економско забавување што се одразува на секојдневниот живот на Американците. „Нашата прва цел е јасна. Мораме да имаме економија што расте доволно брзо за да озоможи вработување на секој кој бара работа“, кажа тој
Реакцијата на Демократската партија ја пренесе гувернерот на федералната држава Вашингтон, Гари Лок, кој порача: „Денес ни требаат сојузниците на ист начин на кој ни требаа во Војната во заливот, или за време на инвазијата на Нормандија во 1944-та, кога американските војници, меѓу кои и мојот татко, се бореа да ја отстранат нацистичката закана“. Гувернерот Лок подвлече дека владата на претседателот Буш мора да има на ум дека САД се далеку посилни кога стојат заедно со останатите нации, отколку кога стојат сами.