Линкови за пристапност

Бела куќа: Противењето на Хусеин за средба меѓу инспекторите и ирачките научници е неприфатливо - 2003-01-24


Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер истакнува дека „во полза на мирот“, ирачкиот лидер Садам Хусеин мора да ги охрабри научниците, да прифатат разговори со инспекторите, без одложување.

„Тука не се работи за преговори. Ова не е предмет на дебата. Садам Хусеин нема избор. Неговото одбивање е уште еден доказ дека Ирак нешто крие“, истакна господинот Флејшер.

Тој вели дека ирачкиот лидер е обврзан да ја почитува резолуцијата на ОН со која се наложуваат овие интервјуа, како и присуството на набљудувачките летови на авионите Ју-2.

Портпаролот на Белата куќа ги отфрла тврдењата на ирачките претставници дека сториле се што било во нивна моќ, да ги натераат научниците на приватни интервјуа со инспекторите на ОН, но дека овие одбиле.

„Во тоталитарна полициска земја како што Ирак, тоа е смешно. Не постои кредибилитет за тоа. Садам Хусеин инспекторите ги нарече шпиони. Во Ирак, доколку претседателот, кој нема минато на мирољубив човек кон оние што имаат спротивно мислење од неговото, ги нарекува инспекторите, шпиони, тој испраќа силна порака до неговите научници - Не се среќавајте со нив, бидејќи доколку го сторите тоа, го знаете минатото на оние кои и се спротивставиле на мојата волја“, кажа господинот Флејшер.

Вчера, висок претставник на Пентагон ги обвини ирачките претставници дека на научниците и на нивните семејства им се заканиле со убиство, доколку разговараат со инспекторите на ОН.

Претседателот Буш вели дека ќе употреби сила доколку Ирак одбива да го предаде осомниченото оружје за масовно уништување. Ирак истакнува дека Вашингтон е решен да изврши инвазија врз земјата, независно од резултатите на истрагата на инспекторите на ОН.

Рускиот претседател, Владимир Путин и германскиот канцелар Герхард Шредер за време на денешната средба го повториле противењето на нивните земји за евентуалната војна против Ирак. Кина и Франција исто така вршат притисок за изнаоѓање дипломатско решение.

Господинот Флејшер кажа дека претседателот Буш не сака војна. Напротив, рече тој, Вашингтон сака да се задржи мирот со тоа што би се гарантирало дека Садам Хусеин не може да се вклучи во војна против САД.

Доколку претседателот се реши на воена акција, господинот Флејшер кажа дека е убеден оти ќе предводи широка коалиција.

„Проблемот со кој светот ќе треба да се соочи еден ден е доколку Садам Хусеин продолжи со неговите напори за спротивставување, неисполнување на обврските што тој ги презел со резолуциите на ОН. Што ќе стори светот тогаш? Дали светот ќе избере да не прави ништо, или ќе избере да признае дека Садам Хусеин не соработува. Вакви одлуки до сега, не се донесени“, истакна господинот Флејшер.

Главниот инспектор на ОН за оружје, Ханс Бликс в понеделник ќе поднесе извештај до Советот за безбедност за континуираната потрага по забранетото оружје во Ирак. Се очекува во извештајот да се побара повеќе време за изведуавње на инспекцискиот процес.

XS
SM
MD
LG