Линкови за пристапност

Во следните 50 години бројот на жителите во САД ќе се зголеми на преку 400 милиони - 2003-01-22


Се проценува дека до 2050 населението во САД ќе порасне за 120 милиони жители. Од тоа, 80 милиони ќе бидат имигранти или деца на имигранти. Иако САД се создадени од имиграција, денес многумина меѓу Американците се загрижени дека земјата нема да биде во состојба да го абсорбира новиот бран на имигранти и да ги трансформира во успешни граѓани.

Ден Стеин е извршен директор на организацијата Федерација за имиграциона реформа. Тој вели дека за разлика од порано, денес САД немаат потреба од толку многу новодојденци.

„Во моментов имаме околу 285 до 288 милиони луѓе, а проценките на Бирото за попис се дека во наредниве 50 години ќе имаме 400, можеби и 500 милиони жители. Никој во САД не испланирал таков растеж, што ќе претпоставува огромен товар за инфраструктурата - да се овозможи добар проток на сообраќајот, дополнителен станбен простор, училишта, и, се разбира, работни места, како предуслов за сето тоа“, смета г-дин Стеин.

Противниците на имиграцијата сакаат да се намали бројот на имигрантите, а особено да се намали илегалното доселување. Според Бирото за попис, осум до девет милиони луѓе во земјата се незаконски, но има и проценки дека нивниот број изнесува близу 13 милиони.

Џон Вахала, соработник во Центарот за имиграциони студии вели дека имигрантските работници во САД, меѓу останатото, ги привлекува можноста да заработат повеќе отколку во своите земји.

„Важно е да се има предвид дека имигрантите немаат корист од се поголемиот бран на имигранти. Со тоа се заситува пазарот на работна сила и се намалуваат платите на имигрантите. Така се создаваат големи диспаритети меѓу богатите и сиромашните. Како последица на тоа, имигрантите стануваат економски и социјално изолирани, и, реално, не се во состојба да се натпреваруваат во главно пост-индустриското општество“, вели тој. Илегалните имигранти во глобала немаат здравствено осигурување и се на грб на државните и локалните болници, со што се врши притисок на веќе затегнатите здравствени буџети. Илегалните имигранти главно се млади и имаат деца кои не зборуваат англиски и кои се запишани во училишта финансирани од државата, што е дополнителен товар за федералните држави во земјата.

Ден Грисволд од Институтот Като, истражувачка организација во Вашингтон, пак, не верува дека асимилацијата за имигрантите била, или во иднина ќе биде проблем.

„Напротив, прашањето е – дали тоа ќе потрае? Нашето население за три пати се зголеми последниот век, и според секој критериум – поубаво живееме. Не гледам причина тоа да престане. Јапонија и некои држави во Западна Европа веќе започнаа да го увидуваат проблемот од стареењето на населението“, потенцира г-динот Грисволд.

Прирастот во САД е во пораст за разлика од опаѓањето во Европа и Јапонија. Тоа, според господинот Грисволд,на САД им дава важна предност.

„Имигрантите прават неколку работи. Ги држат цените на пониско ниво со тоа што обезбедуваат работна сила на места каде Американците не се заинтересирани да работат - градежништво, услужни дејности, трговија итн. Освен тоа, носат нови идеи, што е особено случај кај поквалификуваните имигранти. Мотивирани се работа и иницијатива. Имаат карактеристики на самопочетници, и тоа го носат во Америка“, додава тој.

Меѓутоа, напливот од нискоквалификуваните имигранти оди на штета на американските граѓани со ниски примања, вели Џим Гимпел, професор по владини прашања од Универзитетот во Мериленд.

„Може да кажете дека имиграцијата е добра за економијата во целина, но таа не е толку добра за луѓето кои се дел од ранливите сегменти на економијата, кои работат на ниско платени работни места, на кои навистина им треба покачување, а кои се соочуваат со имигрантска конкуренција, расположена да работи за една третина од нивните примања“, истакнува професорот Гимпел.

Иако противниците на имиграцијата сакаат Владата да го намали бројот на имигрантите и особено да застане на пат на илегалната имиграција, тие признаваат дека тоа е тешко да се стори. Американската економија е најголема во светот и американскиот сон за наоѓање на среќата за многумина е предизвик на кој тешко се одолева.

XS
SM
MD
LG