Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер изјави дека американските претставници внимателно го разгледале ирачкиот извештај за оружје на 12.000 страници и во него не биле споменати празните хемиски боеви глави, што инспекторите на ОН ги открија вчера.
„Фактот што Ирак поседува непријавени хемиски боеви глави, за кои ОН тврдат дека се во одлична состојба, само по себе претставува проблем“, истакна господинот Флејшер.
Тој кажа и дека откривањето е доказ оти Ирак продолжува со прекршувањето на резолуциите на ОН, со кои се бара негово разоружување.
Ирак тврди дека боевите глави биле вклучени во извештајот доставен до ОН минатиот месец, и биле заборавени без намера за нивна употреба.
Господинот Флејшер го покрена прашањето за тоа кои се другите „недостатоци во сеќавањето“ во врска со нуклеарната програма на Ирак, а кои според него, би можеле да им наштетат на ирачките соседи или на американските сојузници.
Претседателот Буш истакна дека ќе употреби воена сила, доколку Садам Хусеин не се согласи да се откаже од осомниченото оружје за масовно уништување.