Убиениот полицаец, Стефан Оак, се смета за првата жртва на британска територија во меѓународната борба против тероризмот. Тој бил прободен во градите од еден од тројцата Северноафрикаци, кои биле уапсени доцна вчера во еден стан во Манчестер. Во инцидентот се повредени уште четворица полицајци. Полицијата соопшти дека детективот Оак припаѓал на екипата која вршела судска истрага за осомничените за да се окрие дали поседувале опасни хемиски супстанци.
Шефот на полицијата во Манчестер, Мајкл Тод, за британското радио изјави дека акцијата била поврзана со минатонеделното откривање на траги од смртоносниот отров рицин во еден стан во северен Лондон.
„Тоа е дел од тековната борба против тероризмот. И тоа беше операција предводена од разузнавањето, што доведе да веруваме дека има некои поединци кои треба да бидат уапсени за да се помогне во таа борба против тероризмот, и таква беше оваа операција која беше поврзана со акцијата во северен Лондон“, истакна господинот Тод.
Тој кажа дека во станот во Манчестер не бил пронајден никаков отров, но дека судската истрага продолжува.
Четворицата од Северна Африка се обвинети за тероризам и за напади со хемиско оружје во лондонскиот случај со рицин.
Еден од осомничените кој беше уапсен во Манчестер, е префрлен во Лондон на понатамошно испрашување. Полицијата во Манчестер покрена случај за убиство против обвинетиот напаѓач на господинот Оак.
Премиерот Тони Блер убиството го нарече “ужасна трагедија и екстремно зло“.