Договорот за кредитот во износ од пет милиони долари во четвртокот го потпишаа амбасадорот на Македонија во САД, Никола Димитров и директорот на Светската банка за Македонија, Кристијан Портман.
Кредитот е потпишан под исклучетолно поволни услови, со 20 години рок на отплата и грејс период од 10 години, без камата.
Проектот за развој на општините има вкупна вредност од 9 милиони и 600.000 долари. Покрај средствата добиени од Светската банка, за реализација на проектот се очекува да бидат обезбедени и околу три милиони долари во вид на донации од странски земји, како и средства од Буџетот на Македонија и буџетите на општините.
Амбасадорот Димитров изјави дека од особена важност е што проектов директно и брзо ќе го почуствуваат обичните луѓе:
„Сумата ќе биде разбиена на проекти со помала вредност кои ќе се однесуваат на подобрување на инфраструктурата во општините, изградба или реновирање на училишта, градинки, амбуланти, ќе се обезбедат и стипендии за ученици или студенти од овие краишта, а кредитот многу ќе помогне и во напорите за враќање на раселените лица и на извесен начин, акцентот ќе биде ставен на регионите што беа погодени со кризата во 2001-та година“, истакна амбасадорот Димитров.
Што се однесува до можноста за реализација на слични вакви проекти и во иднина, амбасадорот Димитров додаде дека има поволна клима за склучување на стенд-бај аранжманост со ММФ. Веднаш потоа, од Светската банка се најавени уште два големи проекта. Едниот е за помош за решавање на проблемите со загубарите, а вториот се однесува на реформите во јавната администрација. Македонскиот амбасадор во САД истакна дека во наредните два до три месеци, може да се случи да дојде до склучување на договори и за овие проекти, чија вкупна вредност изнесува околу 35 милиони долари.