Линкови за пристапност

Различни делови на светот – различни обичаи и прослави на Новата Година - 2002-12-31


Старите Римјани на почетокот Новата година ја прославувале на први март, а пред илјада години, во делови на Европа почетокот на годината бил на 25-ти март. Некаде околу 1600-тата, на Стариот континент се прешло на новиот, Грегоријански календар, со кој Новата Година настапува на 1-ви јануари.

Денес Европјаните Новата Година ја слават на различни начини. Во Шкотска на 31-ви декември, започнува прославата на „Хоманвеј“, израз на кој лингвистите му даваат повеќе значења: „свет месец“, „ново утро“, па дури и „подарок“, поради обичајот да се даруваат најблиските и пријателите со настапувањето на Новата Година. За Хоманвеј, Шкотланѓаните по традиција палат огнови што го осветлуваат завршетокот на старата и почетокот на Новата Година, и се собираат на плоштадите. Многумина од нив веруваат дека првиот човек што ќе ви влезе дома во Новата Година, зависно какво мислење имате за него, ќе ви донесе или среќа, или баксуз.

Во Шпанија, секој домаќин мора при рака да има дванаесет зрна грозје во минута до полноќ. Секое зрно означува по еден месец од годината. Како што часовникот отчукува дванаесет пати, така домаќинот става по едно зрно во устата, за добро здравје, среќа и бериќет во наредната година.

Во Јапонија, луѓето на крајот на декември започнуваат со големо чистење дома и бесат долги јажиња на влезната врата, според старото верување дека тоа ќе ги одврати лошите духови. На Нова Година, во будистичките храмови во Јапонија, ѕвоната ѕвонат 108 пати, согласно фолклорното верување дека секој човек во себе носи точно 108 различни побуди, и дека човекот може да се ослободи од оние нечистите, слушајќи го ударањето на ѕвоната.

Не сите земји ја слават Новата година во исто време, поради различното сметање на времето во различните вери и традиции. Некои временски системи се засновани на циклусите на месечината, други на позициите на Сонцето, трети на обете. Така, во најголем дел од Азија, покрај Новата календарска година на 1-ви јануари, се слави и Новата лунарна година, на денот на првата нова месечина во Новата Година. Тоа е ден да се биде со семејството, а и најдобро време да се побара и да се даде прочка.

Во месноста Британска Колумбија, во Канада, луѓе од сите возрасти во костуми на први јануари се втурнуваат во студените води на Англискиот Залив, близу Ванкувер. Оваа пливачка церемонија во чест на поларната мечка, се одржува веќе 82-ве години.

И во Бразил, прославата е поврзана со водата, додуша во многу потопли временски услови. Милиони Бразилци одат на капење на брегот на Атлантскиот океан, и уживаат во огномети. По традиција се носи бела облека, за да се посака добредојде на Новата Година, и за среќа. Бразилците за Нова Година фрлаат цвеќиња во океанот, шепотејќи најскриени желби за новиот период што настапува.

XS
SM
MD
LG