Замолен да испрати порака до ирачкиот народ, сенаторот Лугар го стави акцентот на разоружувањето, а посебно сега на соработката со инспекторите на ОН.
Лугар: „Тука би ги вклучил луѓето кои заминуваат од Ирак, научници, работници на објекти кои би можеле да дадат специфични информации на инспекторите што би довело до откривање на вистината“.
Сенаторот Лугар верува дека така може да се влијае и на ирачката Влада, да го уништи оружјето за масовно уништување и да избегне многу посериозни последици што, вели тој, сигурно ќе настапат доколку земјата не се разоружа.
Што се однесува до американската улога на Балканот, господинот Лугар смета дека САД треба да останат на курсот на конструктивната работа што веќе е во тек во Босна, Косово и Македонија.
Лугар: „Мора да се има верба во тоа дека САД ќе останат на тој курс, иако ги охрабруваме европските држави да преземат понагласена улога“.
Палестинско-израелскиот конфликт е уште една проблематична точка во светот. Сепак, за продолжување на официјалните контакти, сенаторот Лугар би почекал на завршувањето на општите избори во Израел, што значи околу шест недели.
Лугар: „Во меѓувреме, би предложил да се продолжи со приватни контакти, зашто сметам дека не треба да има застој. Треба да се покаже напредок и интерес од американска страна, вели сенаторот, и дури може некои добри работи од тоа да произлезат“.
Во врска со заканата од Северна Кореја поради нејзините нуклеарни програми, сенаторот Лугар вели дека е тешко да се процени колку е голема моменталната закана, но изрази надеж дека Севернокорејците сериозно ќе го земат американското барање да прекинат со производството на високо збогатениот ураниум и со програмата за производство на плутоним.
Лугар: „Тие треба да размислат, заедно со нас, со Јапонија, со Јужна Кореја и Кина, за иднината на нивната економија и за иднината на нивниот народ од хуманитарен аспект. До овој момент, Северна Кореја не дала гаранции дека ќе запре со програмите за масовно уништување, а тоа мора да го стори“.
Нередите во Венецуела за господинот Лугар се показател дека САД треба да посветат големо внимание на Јужна Америка и дека треба да се одвои време, како и персонал што би се занимавал исклучиво со овој регион, бидејќи, смета сенаторот Лугар, тамошните кризи стануваат се поголеми и нема да исчезнат сами по себе.