Линкови за пристапност

Стивен Фридман за нов економски советник на Белата куќа - 2002-12-13


Господинот Фридман веднаш потпадна под критика на фискалните конзервативци, кога се дозна дека тој е кандидат за важната функција во Белата куќа. Тие сметаат дека тој не го застапува намалувањето на даноците, како примарен елемент во економската политика на претседателот. Господинот Буш, пак, вели дека господинот Фридман е вистинскиот избор: „Тој е иновативен економски мислител, докажан менаџер, и деловен лидер со национален углед“.

Претседателот Буш подвлече дека господинот Фридман ја поддржува неговата економска политика за посилен економски растеж, и дека ќе помогне во подготовката на пакетот економски мерки, меѓу кои и даночното намалување.

„Ќе работам со Стив и со останатите на економскиот пакет за побрз економски растеж и повеќе нови работни места, што ќе го презентираме пред новиот состав на Конгресот. Со цел да продолжи економското опоравување, ќе предложиме натамошни мерки за отворање нови работни места, за намалување на товарот врз даночните обврзници, и за јакнење на довербата кај инвеститорите“, кажа претседателот.

Во кусиот коментар по номинацијата, господинот Фридман кажа дека е подготвен да работи со останатите во новиот економски тим на претседателот: „Мора да го свртиме вниманието на притисокот врз семејниот буџет и заштедите, на потребата за отворање нови работни места, на бавниот растеж на извозот на странските пазари и на разочарувачките инвестиции“.

До неговото пензионирање во 1994 година, Стивен Фридман беше извршен директор во инвестиционата фирма Голдман Сач. Тој во компанијата работеше заедно со Роберт Рубин, кој подоцна стана секретар за финансии во владата на поранешниот претседател Бил Клинтон.

Стефан Фридман доаѓа на местото на Лоренс Линдси, кој под притисок на Белата куќа поднесе оставка минатиот петок. Секретарот за финансии, Пол О’ Нил исто така поднесе оставка истиот ден. Претседателот Буш на негово место го назначи директорот на железничкиот конзорциум Си-Ес-Екс, Џон Сноу.

XS
SM
MD
LG