Американски владини претставници за Гласот на Америка велат дека наредбата за зголемен степен на будност била испратена до американските бази во Турција нешто порано неделава. Таа е резултат на, како што ги опишува еден владин претставник, зачестените неспецифицирани информации од повеќе извори, што далеку го надминале вообичаениот обем на информации до кои секојдневно доаѓа разузнавањето преку своите канали.
Предупредувањето за американските бази во Турција доаѓа само неколку дена откако американскиот заменик-секретар за одбрана Пол Волфовиц се сретна со турските претставници во Анкара, по што турската влада даде само условна согласност САД да ги користат воздухопловните бази за изведување напади против Ирак. Воздухопловните бази на НАТО во Турција беа користени и во текот на Војната во Заливот пред 11 години, а американските борбени авиони ги користат за надлетување на зоната на забранети летови над северниот дел над Ирак.
Сето ова уследи откако Ирак го оцени како смешен извештајот објавен во весникот „Вашингтон пост“, дека ги снабдувал исламските милитанти поврзани со Ал-Каида со нервен гас Ве-Икс. Весникот вчера цитираше добро информирани извори кои се сомневаат дека гасот дошол во раце на една исламска милитантна група, која потоа го пренела во Турција.
Иако американските владини претставници со резерва реагираа на извештајот, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд вели: „Тоа не треба никого да изненадува. Ал-Каида и другите терористички мрежи сакаат да дојдат до хемиско и биолошко оружје“.
Багдад во текот на 90-тите години откри дека произведувал тони на агенсот Ве-Икс, но ирачките власти инистираат дека биле уништени сите залихи. Американски владин претставник за Гласот на Америка вели дека доколку Ирак снабдил некои од симпатизерите ан Ал-Каида со гасот Ве-Икс, тогаш американската влада, во рамки на тековната кампања за докажување дека Багдад се уште поседува такво оружје, нема воопшто да се премислува дали да обезбеди докази за да ја покаже поврзаноста на ирачкиот претседател со терористите.