Линкови за пристапност

САД ќе отворат банка за финансирање на мали бизниси во Македонија - 2002-12-11


Македонската министерка за надворешни работи Илинка Митрева на третиот ден од официјалната посета на Соединетите Американски Држави се сретна со заменик-помошникот секретар за меѓународни односи во американскиот владин Оддел за финансии, Ненси Ли.

Според Амбасадата на Македонија во Вашингтон, министерката Митрева на средбата потенцирала дека аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд е од голема важност за справувањето со економските проблеми, постигнување на социјална кохезија во Македонија и натамошното унапредување на стабилноста во земјата. Според истиот извор, г-ѓа Митрева побарала американска поддршка во склучувањето на аранжманот, како предуслов новата влада да остане посветена на структурните реформи. Министерката Митрева со својата домаќинка, заменик-помошник секретарот за меѓународни прашања во американскиот владин Оддел за финансии, Ненси Ли, разговарала и за тоа како намалувањето на бројот на оние кои се исклучени од данокот на додадена вредност може да помогне во намалување на буџетскиот дефицит, како и за факторот - мали бизниси во економската ревитализација на Македонија.

Министерката Митрева, велат во Амбасадата во Вашингтон, од американска страна била информирана дека САД имаат одредена финансиска помош за Македонија, што е поврзана со склучувањето на аранжманот со ММФ, а која би се наменила за буџетски трошоци, како и дека планираат да отворат банка за финансирање на мали бизниси во Македонија.

Доцна вечерва по македонско време, министерката Митрева се среќава со вториот човек во американскиот национален совет за безбедност, Стивен Хадли, на разговор за кој во Амбасадата укажуваат дека најповеќе ќе биде посветен на македонската аспирација за членство во НАТО. Македонскиот шеф на дипломатијата заминува од САД во четврток.

XS
SM
MD
LG