Линкови за пристапност

Митрева во Вашингтон:  благодарност за американската поддршка, но главната битка за новата влада е дома - 2002-12-09


Во првата посета на САД по стапувањето на функцијата министер за надворешни работи во Владата на Македонија, госпоѓа Илинка Митрева пред аудиториумот во Американскиот институт за мир во Вашингтон ја претстави платформата на еден месец старата влада како позитивен поглед во иднината на земјата.

Г-ѓа Митрева кажа одржувањето на мир и стабилност на целата територија на Македонија, повторното воспоставување на принципот на владеење на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и враќањето на сосила раселените лица се најголемите приоритети во овој политички момент. Овие аспекти таа ги претстави како друг израз на Рамковниот договор, чија имплементација, рече, е од најголемо значење за актуелната влада, и за што е подготвен план за акција. Госпоѓа Митрева смета дека тој план претставува сериозен обид за вклучување на малцинствата во сите области на општествениот живот на Македонија.

„Ние добивме речиси апсолутно мнозинство на изборите“, рече таа, „но вклучувањето на поранешни членови на ОНА во законските структури на државата го сметаме за зрела политичка одлука зашто тоа се сега легитимни претставници на народот“.

Министерката за надворешни работи Македонија во иднина ја опиша како мирна, безбедна, стабилна, унитарна, демократска и просперитетна држава, која е целосно интегрирана и која придонесува во евроатланското семејство. Со целосна почит за поканата на американската страна да го посети Вашингтон, што доаѓа во многу важен политички момент, по самитот во Прага, таа кажа дека мотото на новата влада е битката да се извојува - дома.

XS
SM
MD
LG