САД го осудија нападот на Конзулатот на Македонија во Карачи, и ги очекуваат резултатите од истрагата на пакистанските власти, кажа заменик-портпаролот на Стејт департментот Филип Рикер во кусото интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, притоа нудејќи сочувство на семејствата на жртвите, како и на Македонија и Пакистан.
„Немаме некоја конкретна информација за извршителите или нивниот мотив. Знаеме дека трае истрагата на пакистанските власти и очекуваме тие да ги соопштат резултатите од неа“, кажа господинот Рикер на прашањето дали САД имаат сознанија во врска со информацијата на Министерството за надворешни работи на Македонија дека една од пораките на ѕидовите на Конзулатот индицира оти нападот го извела „Ал-Каида – Пакистан“.
За наводите на Министерството дека експерти на американското федерално истражно биро - Еф-Би-Ај, заедно со пакистанските власти и британската разузнавачка служба, работат на расветлување на случајот, заменик-портпаролот Рикер кажа: „Од она што го знам, истрагата ја водат пакистанските власти. Имаме добра соработка со Пакистан во областа на контра-тероризмот и спроведувањето на законот, но јас немам некои конкретни детали во врска со ова. Ќе мора да им дозволиме на пакистанските претставници самите да се произнесат за својата истрага“.
За евентуалната поврзаност на нападот со неодамнешните протести на роднините на седуммината Пакистанци, кои беа убиени во близина на Скопје во март годинава, господинот Рикер повтори дека САД засега немаат никакви детали во врска со нападот во Карачи, и истовремено ја поттикна македонската влада да спроведе целосна истрага за случајот „Раштански Лозја“.
“И порано сме кажале, а и натаму веруваме дека постои потреба од сеопфатна, транспарентна истрага за тоа што се случи во тој инцидент од март годинава. Мислам дека новата македонска влада соопшти дека ќе преземе истрага за инцидентот. Но, тоа ќе го оставиме на македонските власти, а секако дека ги очекуваме и резултатите од пакистанската истрага на нападот во Карачи“, кажа заменик-портпаролот на Стејт департментот.