Доколку се потврди дека тоа е гласот на Бин Ладен, аудио лентата, што беше емитувана на арапската телевизија ал-Џезеира, ќе биде првиот цврст доказ по речиси една година, дека водачот на Ал-Каида ја преживеал војната во Авганистан. Меѓу другото, гласот на снимката предупредува на нови напади против западните земји кои соработуваат со САД во војната против тероризмот.
Во известувањето што го објави Федералното истражно биро на својата Интернет-страница, се предупредува дека Ал-Каида можеби планира спектакуларен напад во САД, со намера да нанесе масовни човечки загуби и да наштети на американската економија.
Еф-Би-Ај вели дека терористите би можеле да целат на капацитети во авионската и петролејската индустрија, како и на централите за нуклеарна енергија. Значајните национални обележја исто така можат да бидат нападнати, се наведува во соопштението.
Американски официјални претставници за Гласот на Америка велат дека има нагло зголемување на укажувањата на разузнавачите за можност од нови терористички напади врз САД.
Портпаролот на Белата куќа Скот Меклелан изјави:
„Остануваме загрижени заради неодамнешните разузнавачки извештаи како и заради аудио снимката што беше добиена во почетокот на неделава, без разлика чиј глас е на таа снимка“.
Владините лингвисти и технички експерти ја испитуваат лентата за да одредат дали можеби гласот е променет или фалсификуван. Но стручњаците велат дека тоа би можело да биде знак дека Ал-Каида планира нови напади врз американски цели, како што и најави директорот на ЦИА, Џорџ Тенет, минатиот месец, на распит пред Конгресот.
Пол Бремер, кој е член на Советот за домашна безбедност на претседателот Буш, вели:
„Понекогаш добивате впечаток од она што го слушате или ќе го видите во медиумите, дека Ал-Каида е некој вид монолитна организација. Но, не е така. Тоа е вид на распрскана организација. Има многу различни ќелии на различни места“.
Владата особено е загрижена заради можни одмазнички акции како одговор на вчерашната егзекуција во Вирџинија на Мир Ајмал Каси, Пакистанецот кој беше обвинет дека убил двајца Американци вработени во ЦИА, пред седиштето на оваа агенција во Вирџинија, пред девет години.