Претседателот Буш вели дека секој знае оти вистинска моќ во Ирак има само Садам Хусеин.
„Таму нема демократија. Овој човек е диктатор и треба да видиме што тој ќе каже“, истакна американскиот претседател.
Тој вели дека ирачкиот лидер треба да избере: Мирно да се разоружа, или сосила да биде разоружан.
„Доколку Садам Хусеин не ја почитува резолуцијата до крај, ние ќе предводиме коалиција што ќе го разоружа. Свршено е. Нема веќе да преговараме. Нема веќе време. Тој човек мора да се разоружа. Тој кажа дека ќе се разоружа и сега мора тоа да го стори“, подвлече господинот Буш.
Претседателот зборуваше со новинарите додека беше во посета на полицискиот оддел на Вашингтон што имаше цел да ја акцентира неговата иницијатива за создавање на Оддел за домашна безбедност на ниво на кабинет. Тој не остави место за сомневање дека трпението му е при крај, нагласувајќи дека САД нема во иднина да толерираат обиди на Садам Хусеин да ги заобиколува барањата за разоружување.
„Сега постои политика на нула-толеранција. Последниве 11 беа период кога тој се обидуваше да го измами светот, а тоа сега заврши“, вели господинот Буш.
Претходно, портпаролот на Белата Куќа, ставот што го зазедоа ирачките законодавци го нарече, цитираме „чист театар“. Скот МекКлилан го насочи вниманието кон петок, кога истекува крајниот рок за Садам Хусеин да се изјасни дали ја прифаќа резолуцијата на Советот за безбедност.
На брифингот во Белата Куќа, господинот МекКлилан беше запрашан и за извештаите дека Ирак се обидува да купи големи количини противлек за нервен гас, главно од Турција. Њујорк Тајмс цитира американски официјални лица кои велат дека тоа може да е знак дека Ирак сака да ги заштити своите војници доколку Багдад употреби нервни агенси.
Господинот МекКлилан одби да каже дали администрацијата на Буш врши притисок на Турција да ја преиспита продажбата. Но тој нагласи дека на никого не му е потребен доказ дека Садам Хусеин поседува хемиско и биолошко оружје и дека има волја да го употреби.