Линкови за пристапност

Победата на републиканците - дело на претседателот - 2002-11-11


Политичките аналитичари во САД сметаат дека зад победата на Републиканската партија на минатонеделните конгресни избори стои претседателот Буш. Контролата врз американскиот Сенат и зголеменото мнозинство во Претставничкиот дом се должат исклучиво на големата популарност на г-динот Буш меѓу Американците, велат стручњаците.

Неуморната кампања на претседателот Буш во текот на последните предизборни денови се покажа како добро испланиран ризик што се исплатеше, бидејќи републиканците презедоа контрола врз обата дома на Конгресот. Аналитичарите велат дека овој резултат вреди да биде забележан како настан без преседан во американската политичка историја.

Ниту еден американски претседател по Франклин Рузвелт во 1934 година не успеал во тоа на половина од својот мандат неговата политичка партија да добие мнозинство во обата дома на Конгресот.

Политичкиот коментатор и телевизиски аналитичар Вилијам Шнајдер вели дека за разлика од тесната победа на претседателските избори пред две годин, сега претседателот обезбеди мандат од гласачите на национално ниво.

„Претседателот Буш, на крајот на краиштата, презеде пресметан ризик. Тој се наметна како главен, централен дел во кампањата. Тоа беше пресметан ризик, поддржан од фактот дека процентот на популарноста на претседателот е 66 проценти. Но, сепак, не може да се потцени ризикот што го презеде претседателот. Доколку изборите завршеа со неуспех за републиканците, тогаш тоа сериозно ќе ја нарушеше неговата политичка позиција. Претседателот Буш конечно доби одобрување за својот мандат, оној што не го доби во 2000 година“, вели Вилијам Шнајдер.

Претседателот Буш на пет дена пред изборите изведе завршна блиц-кампања што опфати 17 места во 15 федерални држави, помагајќи им на републиканските кандидати да добијат предност во изедначената изборна трка низ целата земја.

Аналитичарите велат дека успехот на претседателот го потенцирал лидерскиот вакуум што постои во опозиционата Демократска партија.

Норман Острејн, кој пишува за американската политика и е телевизиски аналитичар на изборите, вели дека на демократите сега им недостасува главна порака и пренесувач на пораката. Се додека претседателот Буш ужива популарност во анкетите на јавното мислење, на нив ќе им биде особено тешко да добијат поддршка во јавноста кога ќе го критикуваат, вели господинот Орнстејн.

„Дали демократите можат да најдат портпарол кој ќе ја поттикне базата и ќе се придвижи кон центарот? Тоа е тешко кога не сте во Белата куќа. Дали Џорџ Буш и натаму ќе биде успешен во тоа да ја задоволува својата база, во исто време останувајќи во центарот, со тоа што очекувањата на неговата база сега се малку поголеми? Не сум сигурен. Доколку неговата поддршка падне на 50-тина проценти, тогаш демократските лидери во еден глас ќе сторат се за да го предизвикаат и да го нападнат. Доколку неговата популарност остане на 60-тина или се искачи на 70-тина проценти – тоа нема да се случи“, смета Норман Острејн.

Политичките набљудувачи искакнуваат дека претседателот Буш успеа да ги претвори изборите во референдум за националната безбедност и надворешната политика – прашања што добија многу поширок одзив од домашните прашања на дневниот ред на демократите.

Сепак, аналитичарите сметаат дека победата на г-динот Буш, која доведе до зголемување на републиканското мнозинство во Конгресот и не е така голема за да може да го гарантира неговиот реизбор во 2004 година.

Политичкиот аналитичар Бен Ватенберг вели дека постојат голем број непознаници за да може веднаш да се предвиди што ќе се случи за две години на изборите за претседател: „Едноставно, не се знае. Во моментов може да се изгради мошне добар став за републиканското мнозинство, и како тоа ќе влијае, но не е се познато. Не се знае каде се движи економијата. Не се знае што ќе се случи со војната. Не се знае ништо. Таква е иднината“.

Главниот приоритет на г-динот Буш на Капитол Хил е формирањето на нов Оддел за домашна безбедност, додека неговата надворешна политика ќе биде фокусирана на Ирак. Независно што ќе се случува на домашен терен и во странство, г-динот Буш содаде клима на добра волја меѓу републиканците низ земјата и ги зајакна врските со сојузниците и разните организации кои ќе имаат пресудно влијание во неговата кампања за реизбор.

XS
SM
MD
LG